Фото: Маја Јаневска-Илиева

ШАХ
Нерешено по пет партии во мечот за светски првак

Светскиот шампион, Кинезот Динг Лирен (2.728 рејтинг-поени), ремизира во петтата партија во мечот за светски првак со претендентот Домарају Гукеш (2.783) од Индија, по 40. потег, со повторување на потезите. Лирен ефикасно ја неутрализира предноста на белиот во варијантата на измена на француска одбрана, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Во осмиот потег Гукеш воведе нова идеја, со Дe2 шах, специјално подготвена за оваа партија, Лирен продолжи со најдобрата одбрана, одржувајќи ја рамнотежата, а по раната размена на кралиците, сфаќајќи дека противникот без многу проблеми ќе ја израмни позицијата, Гукеш реши да игра активно со 17.г4, пишува ФИДЕ. Потоа позицијата се претвори во завршница со спротивна боја на ловците, иако Гукеш остана со пешак повеќе. Вчера се играше шестата партија, во која белите фигури ги имаше Лирен, а денеска на ред е вториот слободен ден. Г.И.


ИОК
Објавени деталите на патувањето на олимпискиот факел за ЗОИ и ПОИ во 2026 година

Олимпискиот оган треба да тргне на своето „најголемо патување“, низ сите 110 провинции на Италија, откако Организацискиот комитет (ОК) на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и Кортина во 2026 година ја откри официјалната маршрута на штафетата на олимпискиот факел, пишува на интернет-страницата на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Патувајќи 63 дена и покривајќи 12.000 километри, штафетата ќе има 60 застанувања низ земјата домаќин. Патувањето ќе почне на 26 ноември в година во Олимпија (Грција), со традиционалното палење на олимпискиот оган. Пламенот потоа ќе се упати кон Италија, пристигнувајќи во Рим на 4 декември 2025 година, пред да тргне низ земјата домаќин, каде што ќе има околу 10.000 носители на факелот. На 26 јануари 2026 година, пламенот ќе пристигне во Кортина д’Ампецо, во чест на 70-годишнината од церемонијата на отворање на ЗОИ 1956 во тој град. Носењето на штафетата ќе кулминира во Милано, каде што пламенот ќе влезе на стадионот „Сан Сиро“ за време на церемонијата на отворањето на ЗОИ на 6 февруари 2026 година.
Организацискиот комитет (ОК) на ЗОИ 2026 го откри и патувањето што ќе го помине параолимпискиот пламен пред Параолимписките зимски игри (ПОИ). Ќе почне во духовното родно место на параолимпиското движење, болницата „Стоук Мандевил“ во Велика Британија, на 23 февруари 2026 година, а 12-дневната параолимписка штафета ќе помине 2.000 км и ќе има 500 носители на факелот пред да стигне до церемонијата на отворање во Арената во Верона, на 6 март, пишува ИОК. Г.И.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП
Победа на Хектор во Килингтон, Шифрин падна во второто возење

Актуелната олимписка шампионка во велеслалом Сара Хектор (Шведска) имаше две инспирирани трки на предизвикувачките падини во Килингтон (САД) и ја оствари првата победа во Светскиот куп во алпско скијање сезонава, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Лидерката по првото возење Микаела Шифрин (САД), која има 99 победи во Светскиот куп, тешко падна во второто возење. За среќа, Шифрин ја увери публиката во Килингтон (повеќе од 17.000 гледачи), како и нејзините ривалки и љубители на спортот ширум светот, со порака на социјалните мрежи неколку часа по трката, во која потврдува дека била со модринки, но дека не е потешко повредена, пишува Интернационалната скијачка федерација.
На второто место во велеслаломот се пласираа Хрватката Зринка Љутиќ (54 стотинки побавно време) и Швајцарката Камил Раст (1,05 секунда). Во Светскиот куп води Шифрин со 245 бода, пред Раст со 187, Љутиќ со 162… Вчера во Килингтон на програмата беше трката во слалом. Н.М.


СКИЈАЧКИ СКОКОВИ
Нов триумф на Пашке во неговата најдобра сезона досега

Лидерот на Светскиот куп во скијачки скокови, Пиус Пашке (Германија), ја зголеми својата предност во трката за кристалниот глобус, остварувајќи ја својата втора победа сезонава, во Рука (Финска). Пашке веќе може да ја прослави својата најдобра индивидуална сезона досега во однос на пласманите на подиумот, откако победи во првиот натпревар и беше втор во вториот, двата во Лилехамер (Норвешка). Ова е првпат во кариерата на 34-годишниот скијач скокач да освои две први места во Светскиот куп во една сезона.
Ветерот брзо ги менуваше насоката и брзината во текот на натпреварот, но Пашке одржуваше контрола во текот на целиот натпревар. Победникот на вториот натпревар во Светскиот куп сезонава, Јан Херл (Австрија), беше втор во Рука, а актуелниот првак Стефан Крафт (Австрија) првпат сезонава е на подиумот, откако двапати беше четврти во Лилехамер.
Пашке сега има 280 бода, 55 повеќе од Херл, а трет е Даниел Чофениг (Австрија) со 180 бода. Вчера беше вториот натпревар во скијачки скокови во Рука, како дел од викендот „Рука нордик“, во кој има и натпревари во крос-кантри, нордиска комбинација и во могул за време на четиридневниот „Зимски фестивал“ на нордиските спортови викендов, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Н.М.