Борец прв победник на одбојкарската лига на ветерани
Велешки Борец е победник на пилот-проектот на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), Државна одбојкарска лига на ветерани, чиј завршен турнир се одржа во Велес. На турнирот во премиерното издание Борец дојде до пехарот откако во финалето со 2-0 во сетови го победи тимот на Спортист Струмица. Претходно, во првото полуфинале, организаторот беше поуспешен и од Прилеп во два сета. Струмичани, пак, на патот до финалето го победија Тетово, исто така во два сета.
Особено интересен беше дуелот за третото место, меѓу Прилеп и Тетово, кој беше вистинска увертира на мечот за титулата. Победникот за бронзата се одлучуваше во тајбрејк, кој му припадна на тетовскиот состав. Пехари и медали на трите најдобри екипи им доделија потпретседателот на ОФМ, Ивица Хаџииљоски, и генералниот секретар на ОФМ, Филип Деспотовски.
Во првата сезона на Државната одбојкарска лига на ветерани учествуваа седум екипи, кои се натпреваруваа во турнирски систем, а беа одржани седум турнири, на кои се одиграа 46 меча. Екипите се составени од поранешни одбојкари и спортски работници, како и одбојкарски судии и делегати, некои од нив уште се активни, информираат од ОФМ.
Конечен пласман: Борец Велес, Спортист Струмица, Тетово, Прилеп, Гевгелија, Струмица, Шкендија Тетово. Г.И.
ФУДБАЛ
Јапонија и Аргентина се доближија до пласман на СП 2026
Репрезентациите на Јапонија и на Аргентина се најблиску до обезбедување пласман на фудбалското Светско првенство (СП) во 2026 година, по квалификациските мечеви одиграни во ноември.
Јапонија води во својата група со 10 бода предност пред селекции што се на места на табелата за влез во баражот, на четири кола пред крајот на квалификациите во Азија, во кои има три групи со по шест селекции, од кои по две првопласирани директно ќе обезбедат учество на СП 2026 во САД, Мексико и во Канада, а уште по две од секоја група ќе играат за уште три директни места.
Во слична ситуација е и Аргентина во квалификациите во Јужна Америка. Актуелниот светски првак води со 25 бода од 12 натпревари, историски доволни за најмалку шестото место на табелата со 10 репрезентации, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Јужна Америка ќе има шест директни учесници на Светското првенство во 2026 година, а седмопласираната селекција ќе игра во интерконтинентален бараж. Н.М.