Нашето мото е „едно дете повеќе во сала, едно дете помалку пред компјутер или на улица“. Семинарот „Подобри го својот клуб“ беше еден од проектите во кои е активно вклучена ЏФСМ. Сега сме во очекување на реализација на проектот од ЕЏУ „Џудо во училиштата“, кој ќе опфати десет училишта во цела Македонија, а три во Скопје. Овој проект го развиваме со Европската џудо-унија, кој поради коронавирусот малку го одложивме, но мора да го реализираме. За таа цел веќе се обезбедени по 50 кимона за секое училиште и татами за изведување на програмата, сѐ со цел да се создаде добра едукација на децата што ќе бидат потенцијални натпреварувачи и репрезентативци
Разговор со Миодраг Стојановиќ, генерален секретар на Џудо-федерацијата
Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФСМ) минатиот викенд организира семинар под покровителство на Европската џудо-унија (ЕЏУ), под мотото „Подобри го својот клуб“, со учество на двајца џудо-експерта, гости од Европската џудо-унија, потпретседателката Џејн Бриџ 8 ДАН и Фредерик Демонфакон 7 ДАН, носител на олимписки медал и светски првак, еден од најуспешните француски натпреварувачи во овој спорт. Како човек директно вклучен во организацијата на семинарот, но и како еден од најголемите ентузијасти за промоција и развој на овој спорт, разговаравме со Миодраг Стојановиќ, генерален секретар на Џудо-федерација на Македонија.
Најпрво, би сакале да ги слушнеме вашите впечатоци за семинарот.
– Минатиот викенд имавме исклучително успешен семинар, организиран на многу високо ниво. Нашите гости предавачи дојдоа од Франција, земја во која џудото е особено развиено и масовно, со бројка од 590.000 активни џудисти. Џејн Бриџ и Фредерик Демонфакон, инаку и двајцата поранешни успешни натпреварувачи, сега врвни џудо-експерти и инструктори, одржаа семинар, безрезервно споделувајќи го своето долгогодишно искуство и си заминаа задоволни од организацијата на семинарот и домаќинскиот пречек и сместување. Се разбира, тоа не го криеја по неговото завршување, искажувајќи зборови на охрабрување дека сме на вистинскиот пат за да дојдеме до поголема масовност и квалитет, а со тоа и поголеми спортски успеси. Се разбира, ние и сите 46 тренери од цела Македонија што беа присутни на овој семинар бевме презадоволни, бидејќи видовме работи што беа познати за нас, но пристапот и методологијата на едукација на децата од осум до 14-годишна возраст беа до перфекција усовршени и со едноставни движење и низ игра да се задржи фокусот на децата, кои развиваат специфична моторика во изведувањата на џудо-техниките приспособени на нивната возраст.
За кого беше наменет семинарот?
– Овој пат тој беше посветен исклучиво на тренерите што треба да работат со деца од осум до 14-годишна возраст. Беа присутни 46 тренери од цела Македонија (десет тренери беа спречени поради симптоми на ковид-19 и беа во изолација), а основната цел беше да се пренесат најновите методи за тоа како да развиваат општа и специфична моторика децата од осум до 14 години. Тоа е период кога децата почнуваат да учат, низ игра да се создадат навики да го засакаат спортот. Тоа е почетниот период за секое дете, тренингот кога се усовршуваат сите моторички способности, период во кој децата ги учат основните техники на џудото на еден поинаков начин, со цел да го засакаат овој спорт. Токму тоа беше убавината на овој семинар, бидејќи сите имавме ретка можност од такви џудо-експерти да добиеме комплетно нови информации и на самото место практично да ги увежбаме и да ги научиме. За нас е многу значајно што од целиот семинар има видеозапис, за да може да се користи и понатаму во клубовите. Но не застануваме тука. Веќе налето планираме во Охрид да направиме поголем џудо-камп со истите предавачи, на кој, покрај тренерите, ќе дојдат и децата од клубовите. Дури тоа ќе биде вистинско доживување за децата, бидејќи вежбите се всушност учење низ игри.
Со многу радост и ентузијазам зборувате за децата во вашиот спорт.
– Нашето мото е „едно дете повеќе во сала, едно дете помалку пред компјутер или на улица“. Сега сме во очекување на реализација на проектот „Џудо во секое училиште“, ќе има десет во цела Македонија, а три во Скопје. Овој проект го развиваме со Европската федерација, кој поради коронавирусот малку го одложивме, но мора да го реализираме. За таа цел веќе се обезбедени кимона, а во тие рамки е овој семинар, за да се создаде базата што подоцна ќе ги спроведува замислените програми. Ова беше непроценливо искуство за нас, бидејќи нема шанси 46 луѓе да испратиме на семинар надвор, а ние овде имавме двајца врвни џудо-експерти, па нашите тренери стекнаа многу корисни сознанија. Ова е спорт во кој најважен е пристапот. Кога имате противник пред себе, вие прво мора добро да го процените, според движењата да откриете која техника ќе ја користи, за вие да подготвите контратехника. Тоа сакаме да го постигнеме кај децата. Да ја развиваат моториката, оти тоа им е неопходно, не само во спортот туку и во секојдневниот живот. А најважното, главното начело е да не се повредите самите и да не го повредите ни противникот. Затоа секогаш им укажуваме на децата дека е најважно загревањето. Тоа трае 30 минути и тоа е особено интересно за децата.
Тоа е базата што ја градите, но што е она што ни недостига за да добиеме квалитетни натпреварувачи?
– Имаме потенцијал, имаме квалитетни деца, но потребно е да се исполнат многу услови. Да не заборавиме, околу 450 деца тренираат во цела Македонија, засега се 21 клуб, а очекувам оваа бројка да расте. Пред сѐ, би го повторил она што често го укажувам, а тоа е недостиг од сопствена сала, каде што ќе можеме да тренираме шест пати во неделата. Без тоа не можеме да очекуваме врвни резултати. Да дојдат десет репрезентативци и да го работат само тоа. Сега сме на чекор до тоа да го реализираме, во Скопје, во Карпош 3, каде што имаме простор што го приспособуваме за нашите потреби и очекуваме многу брзо да го имаме на располагање. Следна фаза би биле кампови и турнири во најблиската околина, каде што ќе ги испраќаме нашите џудисти за да видиме на кое ниво се, а потоа би ги испраќале и на поголеми турнири, на европски и светски првенства. Тоа е долг пат, но со исправна политика и напорна работа, верувам дека ќе дојдеме до посакуваната цел.