Прогнозата се базира на приходите на денот на натпреварите, преносите и на комерцијалните приходи. Се предвидува дека најмногу ќе генерираат фудбалот и кошарката
Глобалните приходи генерирани од елитниот спорт за жени се предвидува дека ќе надминат една милијарда фунти (околу 1,28 милијарда долари) првпат во 2024 година, откако финансиските експерти на „Делоит“ предвидуваат дека приходот од женскиот спорт ќе достигне 1,02 милијарда фунти в година по една година раст со Светското првенство (СП) за фудбалерки играно во 2023 година, пишува „Би-би-си“.
Се предвидува дека фудбалот ќе генерира 439 милиони фунти, а кошарката да биде втор највреден спорт, со 280 милиони фунти. Прогнозата се базира на приходите остварени на денот на натпреварите, преносите и од комерцијалните приходи.
Прогнозата на „Делоит“ за приходите за спортот за жени за 2023 година беше 771,8 милион фунти, односно 554,4 милиони фунти во 2022 година, пишува „Би-би-си“.
Комерцијалните приходи, кои вклучуваат спонзорства на клубовите, партнерствата и малопродажбата, се предвидува дека ќе придонесат со 55 отсто од приходите, приходите од емитување преноси од спортските настани сочинуваат 27 проценти, а приходите од денот на натпреварот придонесуваат со преостанатите 18 проценти.
– Спортот за жени е на импресивна траекторија на раст. Како и да е, радиодифузерите, стримерите и платформите за социјални медиуми ќе имаат важна улога во прикажувањето на главните настани што го привлекуваат интересот на новите и на постојните обожаватели, а истовремено ќе создаваат искуство што е незаборавно и влијателно. Следниот чекор ќе биде одржување на вообичаените гледачи. За да го направат ова, спортските организации и медиумските бизниси ќе треба да продолжат да го подигнуваат профилот на женскиот спорт со преноси во ударен термин, како и да инвестираат во дигитални платформи, кои ги прават мечевите достапни за сите оние што сакаат да ги гледаат – рече Пол Ли, глобален шеф на „Делоит“ за технологија, медиуми и телекомуникациски истражувања, пренесе „Делоит“ на својата интернет-страница.
Извештајот доаѓа на крајот на годината во која спортот за жени продолжи да расте, а се очекува Северна Америка да биде најголемиот географски пазар во 2024 година со удел од 52 отсто во споредба со Европа, која треба да има 14 отсто, пишува „Би-би-си“.
Џенифер Хаскел од „Спортс бизнис груп“ на „Делоит“ рече дека има „исклучителен раст во женскиот спорт низ светот“ и додаде: „Клучно, женскиот спорт сѐ повеќе се гледа како уникатен производ, кој станува сѐ поразличен од машкиот елитен спорт“, пишува „Би-би-си“.
Веста доаѓа пред полната со спорт 2024 година, првенствено со Летните олимписки игри во Париз. Н.М.