На првиот ден од годината се предвидени натпревари во фудбал (англиска Премиер-лига), скијачки скокови („Четири скокалници“), тенис (АТП-куп), хокеј (зимски класик во НХЛ), а следниот ден и рели (Дакар), одново фудбал и хокеј (јуниорско СП)…

Вообичаено, спортот работно ќе ја почне и 2022 година, па, така, веќе во првите часови на програмата се големи традиционални меѓународни спортски настани и локални, но интернационално привлечни содржини. Како и во 2021-та, поради пандемијата на коронавирусот, некои од овие спортски натпревари ќе се одиграат без публика.
Од големите меѓународни натпревари на 1 јануари (од 14 часот) е продолжението на 70-та по ред новогодишна турнеја „Четири скокалници“ во скијачки скокови (почна завчера во Оберстдорф), со натпреварот во Гармиш Партенкирхен (Германија), без публика (потоа се скоковите во Инсбрук на 4 јануари и во Бишофсхофен на 6 јануари). Следниот ден почнува 44-то издание на релито Дакар, што се вози во Саудиска Арабија.
Како и секоја година на 1 јануари во англиската фудбалска Премиер-лига се игра редовно коло, а на програмата (првиот меч од 13.30 часот) се дуелите Арсенал – Манчестер сити, Лестер – Норвич, Вотфорд – Тотенхем и Кристал палас – Вест хем. Следниот ден се другите натпревари од тоа коло, меѓу кои дербито помеѓу Челси и Ливерпул. Во хокејот на мраз во тек е 46-то Светско јуниорско првенство, во Канада (за разлика од лани, сега се игра пред публика), чие финале е предвидено за 5 јануари. Од другите спортови на 1 јануари е т.н. Зимски класик во НХЛ-лигата во хокеј на мраз, меч што од 2008 година се игра на отворено, овој пат во Минеаполис (САД) треба да се одржат голем број атлетски трки (некои од нив маратонски), во тек е 16-от Тур де ски во нордиско скијање (до 4 јануари, се одржува во Швајцарија, Германија и во Италија), тенискиот АТП-куп почнува на 1 јануари (во Австралија), на програмата е и 29-то светско првенство во пикадо (финале на 3 јануари во Лондон) итн.
Во првите денови на 2022 година е предвиден и почетокот на фудбалското првенство на Африка (од 9 јануари), Европското првенство во ракомет за мажи (од 13 јануари, Македонија е во групата со Црна Гора, Словенија и со Данска), првиот тениски гранслем-турнир, Австралија опен (од 17 јануари) итн. Од поголемите спортски настани годинава се, меѓу другите, и Зимските олимписки игри во Пекинг (од 5 февруари), баражот за пласман на фудбалското Светско првенство (на 24 март Македонија гостува кај Италија), Европското првенство за кошаркари во Чешка, Грузија, Италија и во Германија (од 1 септември), Европското првенство за ракометарки во Македонија, Црна Гора и во Словенија (од 4 ноември), Светското првенство во фудбал во Катар (од 21 ноември)…


ВО 2021 ГОДИНА
Ериксен и Реал Мадрид најпребарувани на Гугл

Фудбалскиот репрезентативец на Данска, Кристијан Ериксен, е најпребаруваниот спортист на Гугл за 2021 година, пишуваат светските медиуми. Според податоците, меѓу врвните пет спортисти за кои од целиот свет се барале вести се и Тајгер Вудс (голф, САД), Симон Бејлс (гимнастика, САД), Ема Радукану (тенис, Велика Британија) и Хенри Рагс (американски фудбал, САД). Од клубовите, на првите пет места се фудбалски клубови, и тоа Реал Мадрид, Челси, Пари сен Жермен, Барселона и Палмеирас, а потоа следуваат ЛA лејкерс (кошарка), Коринтианс (фудбал), Бостон ред сокс (бејзбол), Сао Пауло (фудбал) и Манчестер сити (фудбал).