- Апликација, управувана од вештачка интелигенција, служи за помош на спортистите на тренинг, а можеби еден ден ќе помогне во бодувањето на натпреварите
Американскиот уметнички лизгач Ендру Торгашев неодамна беше на камп организиран од Американската федерација за уметничко лизгање, каде што проба скок со четири вртења, најлесниот од шесте основни скока во лизгањето, но четирите вртења ја зголемуваат тежината. За голо око, тој го изведе совршено. За камерата што го снимаше, Торгашев изведе четвртина вртеж помалку. Секако, тоа беше мала грешка, но таква што можеше да направи разлика во тоа дали тој ќе освои медал во спортот каде што десетинките, па дури и стотинките од поенот се важни, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Тој веднаш знаеше благодарение на повратните информации од апликацијата што ја користеше, дизајнирана од компјутерски професионалци без искуство во лизгањето, но кои во спортот видоа шанса да им помогнат на спортистите на тренинг, а можеби еден ден да помогнат во бодувањето на натпреварите. Апликацијата, управувана од вештачка интелигенција, ги анализира височината на скокот, брзината на ротација, времетраењето, па и квалитетот на доскокот. Таа обезбедува повратни информации без сензори или друга технологија.
– Нашата визија за системот е да ги автоматизираме техничките одлуки на спортот. Тоа се манифестира во комбинација од користење на компјутерска визија потпомогната од вештачка интелигенција, но и знаење за уметничко лизгање, во суштина отстранувајќи ги работите што треба да се оценуваат без субјективност – рече Џери Лу, кој го изгради системот заедно со неговиот колега од колеџ Џејкоб Блиденбах.
Со други зборови, дозволете им на луѓето да ја проценат уметничката страна на спортот, а на компјутерите да се справат со техничките работи, пишува АП. Слична технологија ја отстрани субјективноста од одлуките за тоа дали топчето е во аут во тенисот и ветува дека ќе ја отстрани истата субјективност за одлуки во бејзболот, пишува АП. Системот користи камера од телефон или од таблет за да го сними лизгачот во движење, потоа ги преклопува клучните точки на скокот или вртењата, идеализираната верзија на одреден елемент, и ги евидентира метриките што техничките панели обично ги користат. Потоа, тренерот или судијата можат да знаат дали лизгачот завршил три целосни вртења на троен скок или доскокнал на точниот раб на лизгалката, можат да знаат колку високо скокнал, што е еден од критериумите за оценување, и колку брзо се вртел, а му помага на лизгачот, кој може да го спореди скокот на тренинг со она што можеби го направил претходно или дури и да го спореди начинот на кој го изведуваат кој било даден елемент со начинот на кој го извеле најдобрите, пишува АП. Н.М.


































