ВЕТЕРАНСКИ ТУРНИР ВО БРЗ ШАХ „СНЕЖНИК 2025“
Скопскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Александар Кралевски (2.097, рангиран прв пред почетокот), со осум поени од девет кола, победи на силниот завршен годинашен турнир во забрзан шах (15 минути, плус 10 секунди), „Снежник 2025“, кој во слава на Свети Никола и пристигнувањето на зимата традиционално го организираше шаховскиот клуб на ветерани Скопје 72. И покрај тоа што неколку ветерани го откажаа учеството од здравствени и други причини, сепак беше виден квалитетен шах, борбен докрај, за што зборува и малиот број на мирољубиво завршени партии. Јасно беше дека победниот ќе се бара помеѓу Илија Стошевски (2.007, рангиран втор), кој по првиот ден имаше стоотстотен ефект, и Кралевски, кој секогаш има добар финиш. Сепак, се чини дека Стошевски ја потроши енергијата, па по ремито со Миле Трајковски и по грубиот превид во еднаква позиција против Виктор Раниќ (1,949, рангиран четврти), на крајот заврши втор, со 7,5 поени, додека трет е Раниќ, со седум поени. На крајот завршната табела на која играа 27 шахисти е реален приказ за бескомпромисната борба за врвот. На турнирот настапи и Драгомир Цветановски, познат македонски меѓународен судија, кој по 35 години повторно им се врати на 64-те полиња. Пред почетокот на турнирот македонскиот поет Перо Миленкоски ја прочита својата песна „Шахољубие“, која беше наградена со огромен аплауз од присутните шахисти. Едноставно, шаховската магија и овој пат царуваше во ресторанот „Еснаф“, каде што и се одржа турнирот.
– Зад нас остана уште една исклучителна година за паметење, а многубројните турнири, фестивалот „Незаборав за хероите“, двомечот со слепите шахисти, потоа со младите македонски надежи на ШК Алкалоид, се дел од нашите активности со кои некој друг тешко може да се пофали. Но оваа беше и траорна година, кога засекогаш нѐ напуштија двајца врвни шаховски ветерани, трикратниот шампион на Македонија, Благоја Сотировски-Џагуре и ФМ Љубомир Илиќ. Меморијалниот турнир за Сотировски беше организиран на највисоко ниво, а во мај идната година ќе организираме и посебен меморијал за Илиќ – истакна во поздравниот говор пред турнирот претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски. Г.И.
































