Денеска на програмата се 13 од вкупно 15-те спорта застапени на годинашниот Европски младински олимписки фестивал (ЕМОФ). За сите натпревари влезот е слободен

Вкупно 25 земји освоија барем еден медал, од тоа 12 репрезентации имаат златни медали, по првиот ден на летниот 22. „Европски младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025“, според табелата на интернет-страницата на „ЕМОФ 2025“. По вториот некомплетен ден водеше Унгарија со три златни медали, пред Шпанија со два златни, три сребрени и два бронзени… На ЕМОФ 2025 настапуваат повеќе од 4.000 спортисти на возраст од 14 до 18 години од 50 делегации.
Откако во првиот ден од натпреварите, во понеделникот, се играа мечеви во седум спорта, а вчера во 12, денеска е денот со најбогата понуда од натпревари на годинашниот Европски младински олимписки фестивал.
Така, на програмата се 13 од вкупно 15-те спорта застапени на летниот ЕМОФ, и тоа во Скопје ќе има натпревари во атлетика, бадминтон, баскет 3х3, ракомет, стрелаштво, џудо, пливање, пинг-понг, таеквондо и во одбојка, потоа во Куманово во кошарка и во планински велосипедизам, како и во Осиек (Хрватска) во уметничка гимнастика. Утре, пак, меѓу другото, е вториот ден од велосипедските трки (во Куманово) и квалификациите и финалињата во натпреварите во кану-слалом (Матка)…, а ќе има вкупно 11 спорта. За сите натпревари на годинашниот летен Европски младински олимписки фестивал, што ќе трае до сабота, влезот е слободен.
Во првиот ден од натпреварите на „ЕМОФ 2025“ беше поставен и еден светски младински рекорд, во атлетика, во дисциплината во скок со стап, кога во категоријата за атлетичарки до 18 години Алика Инкери Мозер (17) од Естонија прескокна 4,52 метри и со тоа го надмина за еден сантиметар досегашниот младински планетарен рекорд за таа возраст, според податоците на Светската атлетика (СА), поставен од Аманда Мол (САД), на натпревар во 2022 година. Н.М.


ДЕНЕСКА НА ПРОГРАМАТА НА „ЕМОФ 2025“

Во Скопје: атлетика, бадминтон, баскет 3х3, ракомет, стрелаштво, џудо, пливање, пинг-понг, таеквондо и одбојка
Во Куманово: кошарка и планински велосипедизам
Во Осиек (Хрватска): уметничка гимнастика