Задоволство ни е да донесеме еден од нашите најистакнати настани во земја толку богата со историја и култура, изјави претседателот на Европската џудо-унија, Ласло Тот. На ЕП 2025 ќе настапат околу 500 млади натпреварувачи од 40 репрезентации од вкупно 51 земја членка на Европската џудо-унија
В ЧЕТВРТОК ПОЧНУВА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА КАДЕТИ
Остануваат уште неколку дена до почетокот на Европското првенство (ЕП) во џудо за кадети, во организација на Европската џудо-унија (ЕЏУ), кое од четврток до недела ќе се одржи во Скопје. Под мотото „Младите ѕвезди на иднината“, овој престижен настан ќе ги собере најдобрите млади џудисти од целиот континент, кои ќе се натпреваруваат за европските медали и ќе ги покажат својата сила, техника и спортски дух.
Организацискиот одбор (ОО) на првенството информира дека сите подготовки се одвиваат во најдобар ред и главниот град на Македонија подготвено ќе ги пречека гостите, потврдувајќи го уште еднаш епитетот на добар домаќин.
Скопје ќе биде домаќин на 40 репрезентации од вкупно 51 земја членка на Европската џудо-унија. Бројката на натпреварувачи е ограничена на 20 за сите земји учеснички, а според последните информации околу 500 млади натпреварувачи ќе се борат за медали.
Заедно со нивните тренери и членови на стручните штабови, претставници на федерациите, но и првите луѓе на Европската џудо-федерација, вкупната листа на гости што ќе пристигнат во Скопје се очекува да биде околу 700. Репрезентациите го најавија своето пристигнување веќе од денеска, а прва ќе пристигне селекцијата на Русија.
Зборови на добредојде пред годинашното Европско првенство во џудо за кадети во Скопје писмено упати и претседателот на Европската џудо-унија (ЕЏУ), Ласло Тот.
– Драги џудо-семејство и пријатели, во името на ЕЏУ и лично, ми е повеќе од драго да ве поздравам сите вас на ЕП 2025 во џудо за кадети во Скопјe, Македонија. Задоволство ни е да донесеме еден од нашите најистакнати настани во земја толку богата со историја и култура. Ова издание има посебно значење, оти Македонија е домаќин и на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), кој претставува извонреден напор во организацијата. Настаните сигурно ќе привлечат некои од најдобрите млади џудисти од цела Европа. До сите спортисти, кога ќе стапнете на татамито, бидете горди на патувањето што ве донесе тука. Натпреварувањето на ова ниво е веќе пофално достигнување и постојано се работи за раст, отпорност и лекции што ве обликуваат во џудистот што се стремите да бидете. Верувајте во вашата подготовка и дајте го вашиот максимум. Би сакал да ја изразам мојата најголема благодарност до Џудо-федерацијата на Македонија, за нивните вредни напори, организација и поддршка во текот на подготовката на овој настан. Овие првенства нека бидат исполнети со одлични искуства, извонредни изведби и незаборавни моменти. Им посакувам сѐ најдобро на џудистите, тренерите, службените лица, волонтерите, персоналот и на сите вклучени во настанот. Сите нека имаат просперитетно и фер натпреварување, добро здравје и одлично искуство во Скопје – изјави Тот. Г.И.