Новина годинава е тоа што турнирот ќе се состои од А и Б формат. Првите 60 табли ќе се пренесуваат во живо со коментар на ФМ Дејан Тасев. Очекувам да играат околу 300 шахисти, од кои 20-30 да бидат велемајстори, вели претседателот на ШСС, Ѓорѓи Миновски
ШАХ
Шаховскиот сојуз на Скопје (ШСС) и годинава ќе го организира традиционалниот турнир Скопје опен 2023, со стандардно темпо на игра, од 6 до 12 декември, поддржан од Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Балканската шаховска федерација и од Агенцијата за млади и за спорт (АМС).
– Новина годинава е тоа што турнирот ќе се состои од А и Б формат, односно ќе има еден турнир за шахисти од најмалку 2.000 рејтинг-поени, А, и за шахисти до 2.000 рејтинг поени, Б. Во соработка со Балканската шаховска федерација, турнирот годинава ќе се смета и за официјално Балканско поединечно првенство за 2023 година во машка и во женска конкуренција, а најдобропласираните шахист и шахистка од Балканот ќе бидат прогласени за балкански прваци за годинава. Првите 60 табли ќе се пренесуваат во живо, со коментар на ФМ Дејан Тасев. Очекувам да играат околу 300 шахисти, од кои 20-30 да бидат велемајстори – вели претседателот на Шаховскиот сојуз на Скопје, Ѓорѓи Миновски.
Вкупниот награден фонд на двата турнира е 15.050 евра, од кои за Скопје опен се наменети 8.000 евра, за Балкан опен вкупно 4.000 евра, а и на двата турнира се предвидени неколку специјални парични награди.
– Овој турнир, секако ќе придонесе за уште поголем развој и афирмација на шаховската игра во Скопје и во Македонија. А тоа ќе биде и добра пригода уште еднаш да се покажеме како добри домаќини и организатори на вакви големи и интересни шаховски манифестации и со тоа повторно да ја оправдаме довербата што ни ја укажува ФИДЕ, а сега и Балканската шаховска федерација – рече Миновски. Г.И.