Митко особено го памети драматичниот меч со Босна, кога Работнички само за неколку секунди направи пресврт и победи. Како тренер со кадетите на Македонија беше четврти во Европа

Митко Луковски (2)

Спортскиот живот носи многу интересни моменти, кои не само на актерите туку и на гледачите им остануваат во трајно сеќавање. Митко Луковски, пак, кој беше еден од одбранбените столбови на КК Работнички, има многу такви незаборавни мечеви. Еден од тие, секако, беше дуелот со Босна во Сараево, кој имаше драматична завршница.
– На 45 секунди до крајот во преполната сала „Скендерија“ во Сараево, Босна имаше предност од пет коша. Се чинеше оти сараевчаните навреме си ја завршија работата и веќе ги имаа двата бода во џебот. Но не беше така. Дури сега, во самата завршница дојде до вистинска драма, која не можеше ниту Хичкок да ја режира. Иако Босна имаше сигурна предност и требаше со мирна и тактичка игра да го доведе докрај мечот, дојде до драматичен пресврт. Во тие мигови кај нас како да се разбуди нешто, па иако и ние помислувавме дека сѐ е веќе загубено, сепак, се јави искра надеж. Почувствувавме како да добивме некоја дополнителна сила и елан, особено откако од рекетот поентираше Жмара (Боцевски). Потоа, во следниот напад им украдовме топка на домаќините и од контра постигнавме уште два поена. Завршницата да биде уште повозбудлива се погрижи Буштур, кој го затвори Пешиќ (доскорешниот селектор на Србија), кој го предводеше нападот и не му дозволи да ја развие акцијата, туку му ја одзеде топката и тргна кон кошот на Босна. Буквално во последната секунда пред сирената на семафорот да го означи крајот на мечот, Буштур постигна кош и веднаш скокна и радосно извика „ќе има продолжение“. Ние, пак, се стрчавме кон него го прегрнавме и му велиме „какво продолжение, победивме“. Буштур во занес на играта, во самата завршница помисли оти неговиот кош беше за израмнување на резултатот, а не за победа од еден кош. Потоа, нормално, на радоста ѝ немаше крај – се сеќава на овој меч Митко Луковски, кој токму во тој дуел беше еден од најзабележителните актери.
Но она вистинското за кошаркарите на Работнички следувало подоцна, кога се упатиле кон соблекувалната. Имено, многу од гледачите, кога Босна веќе во финишот водела со пет коша разлика, полека ја напуштиле салата, сметајќи оти сѐ е решено и нивниот тим победил.
– Многумина од нив беа заседнати на барските столчиња, покрај шанкот во холот и веќе го пиеја кафето. Кога излегувавме од салата и се упативме кон соблекувалната тие почнаа да ни дофрлаат во стилот „добро поминавте, можевте да загубите со поголема разлика“. Ние со насмевка на лицето не влеговме во дијалог со нив, туку само им рековме влезете во салата, семафорот уште не е исклучен и ќе видите кој победил. Два-тројца од оние што претходно ни дофрлаа се стрчаа во салата и со пеплосано лице се вратија назад, не верувајќи како се случило тоа, Босна по уверливото водство да биде поразена. Овој момент, на кој сите со задоволство се сеќававме, уште многу долго нѐ потсетуваше на драмата во „Скендерија“, кога кошаркарите на Босна останаа шокирани, не верувајќи во она што им случи – вели тој.

На дебито со Олимпија, Данеу ставен во аут

Има многу мечеви што имаа возбудлива завршница, но во емисијата што ја снимав со Митко пред 12 години, тој, покрај оној за драматичната завршница со Босна, го оддели и својот дебитантски настап против Олимпија во Љубљана.
– Кога пред мечот Лечиќ ни ја презентираше тактиката и ги делеше задачите на секој поединец, мене крвта ми се замрзна кога ми рече оти јас ќе бидам задолжен да го чувам легендарниот Иво Данеу. Прво ме обзеде трема, но откако малку се средив и размислив, си реков, па ова е шанса да покажам колку вредам. Токму на тој меч со Олимпија во кој комплетно го исфрлив од игра Данеу, се виде оти Лечиќ добро забележал оти сум играч за исполнување на одбранбените задачи. Подоцна си знаев на што треба да се базира мојата игра и пред средбите размислував како да ги парализирам дури и највисоките противнички играчи. По оној меч со Олимпија, кога веќе скротив еден Данеу, добив голема верба во себе и потоа, онака охрабрен, на следните мечеви влегував во дуели и често излегував како победник дури и со високите центри како што беа Жорга, Далипагиќ, Вараиќ, Пруг. Инаку, тие знаеја да им создадат многу проблеми на противничките играчи, особено во рекетот под кошот. Интересно е оти кога ќе добиев задача да играм против нив, секогаш се потсетував на нашиот Драган Радосављевиќ. Ќе кажам и зошто. Имено, кога Драган ја почнуваше кариерата сите нѐ разнесуваше во рекетот. Јас со страв му се приближував зашто не знаев кога ќе добијам удар. Тој беше млад и во желбата да биде главен под кошот, не можејќи уште да ги контролира движењата често се случуваше да бидеме цел на неговите удари, особено со лактите. Потоа, откако се оформи како играч, Драган стана еден од најдобрите центри во поранешна Југославија, а настапуваше и за младинската репрезентација. Меѓутоа, неговите први дуели со мене, како да ме научија како треба и јас да се однесувам во рекетот кога против себе имам еден таков играч – раскажува Митко.

Дуелите со Партизан беа голем предизвик

Кошаркарите на Работнички во еден период му станаа најопасен противник на силниот Партизан, за кој, меѓу другите, настапуваа и искусните Ражнатовиќ и Чермак, а потоа и Кичановиќ, Далипагиќ, Фарчиќ, Тодориќ. Скопските кошаркари им беа наострени на црно-белите, особено кога мечевите се играа во Белград. Таму им беше најслатко кога победуваа, а имаше и причина зошто е тоа така.
– Една сезона, кога ни беше доведен во прашање опстанокот во Првата лига, од исходот на дуелот на Партизан со Борац од Чачак во последното коло од шампионатот зависеше дали ние или чачаните ќе ја напуштиме лигата. Победата на Борац значеше наше испаѓање од елитното друштво. Тогаш се крена голема врева околу овој меч, па Натпреварувачката комисија го поништи и мораше повторно да се одигра. Но Партизан и во мечот што се преигра загуби. Така, испаднавме, а Борац остана во Првата лига. Кај нас остана горчината и само го чекавме моментот кога ќе им се реваншираме на црно-белите. Веќе следната година Работнички триумфира во Втората лига и се врати меѓу прволигаште. Дојде и моментот кога требаше да играме со Партизан, и тоа во Белград. Лутината уште нѐ држеше и си рековме „сега или никогаш, мора да му вратиме на Партизан“. Мечот почна, ние со неколку фуриозни напади создадовме предност, за во еден момент резултатот да биде 22-2 во наша корист. Гледачите занемеа, не можеа да сфатат што се случува, па тренерот Ранко Жеравица, кој очигледно беше изненаден од нашата игра, побара тајмаут, за малку да ги смири и среди своите кошаркари. Потоа, тие ни се доближија, но не успеаја да поминат во водство. Ја контролиравме играта и на крајот победивме. За чудо на гледачите по победата ние не манифестиравме никаква радост, туку мирно се упативме кон соблекувалната. Дури кога влеговме во ходникот се слушнаа нашите извици на радост. Ова беше уште еден од многуте штосови на Лазар Лечиќ – вели Луковски.
Потоа, секогаш мечевите со Партизан, без оглед каде и да се играат, носеа голема возбуда.

Успешен и како тренер

По неколкуте години поминати во матичниот клуб Работнички, Митко Луковски се пресели во МЗТ Скопје, а потоа потпирајќи се на своето искуство и знаење заплива во тренерските води. И тука беше успешен, а со кадетската репрезентација на Македонија на Европското првенство во Португалија го освои четвртото место. Овој пласман останува како највисок дострел на македонските млади кошаркарски селекции.
– Од оваа генерација произлегоа многу квалитетни играчи, од кои најдалеку стигна Тодор Гечевски, кој направи навистина една прекрасна кариера – со гордост вели Митко Луковски.
Потоа, поттикнат од својата амбиција и тој самиот да стори нешто, го формира КК Соколи, клуб што им ја отвори вратата на многу талентирани играчи да зачекорат на кошаркарската сцена.
Нема сомнение оти Митко Луковски, со своите квалитети како играч, потоа и како тренер, остави голема трага во македонската кошарка. Тој и неговиот брат Јанко многу години беа стожери во играта на Работнички, и тоа во времето кога скопјаните беа фактор и во југословенската кошарка. Двајцата ќе се паметат како еден од најуспешните братски кошаркарски тандеми.