АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Трета сезона по ред нема да има трки во алпска комбинација. СК ќе паузира две недели поради Светското првенство во февруари, а еден од новитетите сезонава ќе биде првата прекугранична трка, спуст со старт во Швајцарија, а цел во Италија. Шифрин, која има 74 победи во трки во СК (пред неа се Стенмарк со 86 и Вон со 82), ќе се трка и за својата петта титула (на таа листа води Мозер-Прел со шест)
Најдобрите алпски скијачи во светот се подготвени за новата, 57. сезона во Светскиот куп (СК), кој 23-ти пат по ред почнува во австриски Зелден, со трките во велеслалом (утре за жени, в недела за мажи). По две години, придржувајќи се до строгите ограничувања поради пандемијата на ковид-19, гледачите повторно се очекуваат во голем број на падините на познатиот австриски глечер Ретенбах, на традиционалното отворање на сезоната на СК, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. Зелден е домаќин на првите трки во сезоната во СК од 2000 година.
Скијачките треба да имаат 11 натпревари во спуст и во слалом, девет во супервелеслалом, 10 во велеслалом и една паралелна трка. Скијачите, пак, треба да имаат 14 трки во спуст, осум во супервелеслалом, по 10 во велеслалом и во слалом и една паралелна трка. Трета сезона по ред нема да има трки во алпска комбинација. СК ќе паузира две недели поради одржувањето на Светското првенство во Куршевел-Мерибел (Франција), кое треба да се одржи од 6 до 19 февруари.
Една од новите карактеристики на сезоната ќе биде отворањето на брзинската сезона со првата прекугранична трка, со старт во Зермат (Швајцарија), а цел во Червинија (Италија). Настанот вклучува четири спуста, по два за мажи и за жени. Од сезонава ќе има уште две северноамерикански трки, покрај традиционалните настани во Лејк Луиз и во Бивер Крик, откако СК ќе се врати во американските Палисадес Тахо и Аспен.
Микаела Шифрин (САД) и Марко Одермат (Швајцарија) ги бранат титулите во генералниот пласман во СК, освоени лани. Шифрин ќе се трка за својата петта титула, што ќе ја стави на второто место на вечната листа на победнички во СК, само зад Австријката Анемари Мозер-Прел, со шест круни. Шифрин има 74 победи во трки во СК и е трета на таа листа, зад Линдзи Вон со 82 победи и Ингемар Стенмарк со 86. Одермат лани во СК освои речиси 500 повеќе од второпласираниот Александар Омод Килде, го освои и малиот кристален глобус за велеслалом и стана и олимписки првак во таа дисциплина.