Ривалите славеа на претходните седум од најголемите турнири
Јаник Синер и Карлос Алкараз водат нова ера на супериорност на гранслем-турнирите, откако заедно ги освоија претходните седум титули, низа што веќе се рангира меѓу најдолгите во т.н. отворена ера, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци. Нивната низа, која почна на Австралија опен лани, сега е четврта на листата на сите времиња за последователни гранслем-титули освоени од двајца тенисери. Победата за кој било од нив на претстојниот САД опен не само што би ја продолжила таа низа, туку би обезбедила и втора последователна календарска година без порази на гран-слем, осигурувајќи дека, втора година по ред, ниту еден друг играч не освоил голем трофеј, пишува АТП. Денеска е ждрепката за САД опен, а турнирот треба да почне в недела.
Двајцата се натпреваруваа во гранслем-финалиња на секоја од трите подлоги. Синер ги освои претходните три големи турнири на тврда подлога, а Алкараз успешно да ја одбрани титулата на Ролан Гарос годинава. Еден месец подоцна, Синер ја прекина серијата од пет порази од Алкараз, во финалето на Вимблдон, за да ја освои својата прва гранслем-титула на тревна подлога.
– Навистина сум среќен што градиме толку големо соперништво со Јаник. Јаник и јас, мислам дека веќе направивме одлични работи во тенисот за толку краток период. Само ги оставам луѓето да зборуваат за нашето соперништво или за работите што сме ги направиле за книгите за историја на тенисот – рече Алкараз.
Од 2005 до 2007 година Роже Федерер и Рафаел Надал освоија 11 гранслем-турнири по ред заедно, пред Новак Ѓоковиќ да се пробие на Австралија опен во 2008 година, пишува АТП. Таа победа го означи почетокот на ерата во која „големата тројка“ делеше многу од најдолгите низи во спортот, вклучувајќи две серии од по девет гранслем-титули на Надал и Ѓоковиќ заедно помеѓу 2010 и 2012 и од 2018 до 2020 година.
И претходните низи во историјата оставија свој белег. Од Австралија опен во 2015 година до Ролан Гарос во 2016 година, Ѓоковиќ делеше шест големи турнири со Стен Вавринка, од кои самиот освои пет. Во 1990-тите, Серхи Бругера и Пит Сампрас имаа серија од шест големи турнири меѓусебно.
Сега, Синер и Алкараз, првите двајца играчи на ранг-листата на АТП, го издлабуваат своето место во оваа лоза. Нивното финале од пет часа и 29 минути на Ролан Гарос беше најдолго во историјата на турнирот и второ најдолго финале на кој било гранслем-турнир. Актуелниот шампион на финалето на АТП, Синер, заостанува зад Алкараз со 1.890 поени во трката за настап на тој турнир во Торино, а нивната возбудлива борба за првото место на крајот од годината е доказ за доминацијата што двајцата ја воспоставуваат на врвот на играта, пишува АТП. Н.М.
Најдолги низи на гранслем-титули освоени од двајца тенисери
Федерер (8) и Надал (3) 11
Надал (5) и Ѓоковиќ (4) 9
Надал (4) и Ѓоковиќ (5) 9
Синер (4) и Алкараз (3) 7
Бругера (2) и Сампрас (4) 6
Федерер (3) и Надал (3) 6
Ѓоковиќ (5) и Вавринка (1) 6
Федерер (3) и Надал (3) 6
сериите се во т.н. отворена ера, во заградите се титулите освоени во таа низа
Извор: АТП