ШАХ
- Се чини дека ова е време за шаховските тинејџери, оти светскиот шампион Гукеш и победниците на Светскиот куп за жени, Дешмух, и за мажи, Синдаров, имаат по 19 години, пишува интернет-страницата „Чес“
Деветнаесетгодишниот узбекистански велемајстор (ВМ) Јавокир Синдаров (2.721 рејтинг-поени) го освои првото место на Светскиот куп (СК) на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за годинава откако во финалето го победи ВМ од Кина Веи Ји (2.752) со 1,5-0,5 во т.н. тајбрејк.
Познати се шест од вкупно осум учесници на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак. Од СК 2025 тоа се Синдаров, Ји и рускиот ВМ Андреј Есипенко (2.693), кој го освои мечот за третото место по дуелот со ВМ Нодирбек Јакубоев (2.689) од Узбекистан, а претходно пласман обезбедија Фабијано Каруана (САД), Аниш Гири (Холандија) и Матијас Блубаум (Германија).
Синдаров го направи она што 18-годишниот ВМ Прагнананда Рамешбабу не успеа да го направи против норвешкиот ВМ Магнус Карлсен во 2023 година и стана најмладиот шампион на Светскиот куп досега. Се чини дека ова е време за шаховските тинејџери, оти светскиот шампион Домараџу Гукеш, а сега и победниците на СК за жени, Индијката Дивија Дешмух (родена на 9 декември 2005), и за мажи, Синдаров (8 декември 2005), имаат по 19 години, пишува интернет-страницата „Чес“.
Синдаров сега ќе добие шанса да се квалификува за меч против Индиецот Гукеш, кога ќе игра на Турнирот на кандидатите на ФИДЕ во 2026 година, но засега е едноставно време да се прослави и да се одмори по едномесечниот настан. Г.И.


































