За Швјонтек триумфот во Париз е вкупно шеста титула во неверојатната
победничка серија во 2022 година, по победите на турнирите во Рим, Штутгарт,
Мајами, Индијан Велс и во Доха

ТЕНИС

Полската тенисерка Ига Швјонтек (21) триумфира на годинашното издание на гранслем-турнирот Ролан Гарос одигран во Париз, откако ја победи со 2-0 во сетови (6-1 и 6-3) 13-пласираната Кори Гоф (18) од САД. Швјонтек до вториот гранслем-успех во Париз (триумфира и во 2020 година) стигна без загубен сет, како и во 2020 година. На славеничката ѝ беа потребни само 33 во првиот и 37 минути во вториот сет за да ја победи Гоф. Тенисерката од Атланта имаше шанса да се врати во мечот во вториот сет, во кој имаше предност од 2-0, но не успеа да ја задржи, па Швјонтек забележа пет последователни гема и рутински го освои сетот искористувајќи ја првата меч-топка.
– Сега беше многу поинаку отколку пред две години, оти бев подобро подготвена. Пред две години некако сѐ беше хаотично, а денеска бев подготвена дури и за славењето. Најверојатно една недела ќе одморам, па ќе видиме како ќе одат подготовките за турнирот во Вимблдон – рече Швјонтек.
Таа суверено владее во женскиот тенис во овој момент. Следен предизвик за Швјонтек ќе биде гранслем-турнирот Вимблдон. Гоф настапи во нејзиното прво гранслем-финале во кариерата.
Швјонтек патем со овој триумф го израмни достигнувањето на прославената Венус Вилијамс во 2000 година, а тоа се 35 победи во низа. Засега недостижна рекордерка останува Мартина Навратилова со 74 победи во низа.
За Швјонтек триумфот на Ролан Гарос е вкупно шеста титула во неверојатната победничка серија во 2022 година, по триумфите на турнирите во Рим, Штутгарт, Мајами, Индијан Велс и во Доха.
Вчера во машкото финале на Ролан Гарос играа Шпанецот Рафаел Надал и пријатното изненадување, Норвежанецот Каспер Руд.