Конференцијата беше организирана на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, а се обработуваа теми и проекти за постигнување на целите за одржлив развој, дефинирани од Обединетите нации, информира ШФМ. Проектот, имплементиран во Македонија, а почнат во 2022 година, го презентира членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски

ПО ПОКАНА НА НОВИНАРСКО-ПИСАТЕЛСКАТА ФОНДАЦИЈА

Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), по покана на Новинарско-писателската фондација (ЈВФ), учествуваше на конференција организирана на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њуjорк (САД). На конференцијата се обработуваа теми и проекти за постигнување на целите за одржлив развој, дефинирани од Обединетите нации, информира ШФМ.
Членот на Управниот одбор (УО) на Шаховската федерација на Македонија, Зоран Стојчевски, на конференцијата го презентира проектот „Шах во училиштата“, имплементиран во Македонија, а почнат во 2022 година, како пример за применување на добрите практики и иницијативи за постигнување на овие цели. Полова еднаквост, социјална кохезија, социјална интеграција, борба против сите видови дискриминација и зависности и пред сѐ развој на младите личности, се клучните придобивки од овој проект, пишува Шаховската федерација на Македонија.
На конференцијата во Њујорк учествуваа повеќе од 100 претставници со свои предавања и проекти од целиот свет. Со овој настан Македонија покажа пример за почитување на основните човекови вредности и се издигнува меѓу земјите со висока традиција во овој сегмент, информира Шаховската федерација на Македонија. Г.И.