Швајцарија со голем ентузијазам неодамна ја прослави 100-годишнината на Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Церемонијата со факелот беше почеток на неколку специјални настани што се одржаа во Берн
Во серија настани во кои учествуваа швајцарски шахисти, деца, политичари, владини претставници и луѓе од сите сфери на животот, Швајцарија со голем ентузијазам неодамна ја прослави 100-годишнината на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), останувајќи верна на духот на играта и нејзината универзална привлечност. Швајцарија е земја со значајна шаховска историја, во Лозана е официјалното седиште на ФИДЕ, првиот благајник на ФИДЕ беше Швајцарец, Швајцарската шаховска федерација, основана пред 135 години, е постара од ФИДЕ, Швајцарците беа домаќини на две шаховски олимпијади (1968 и 1982 година), меч за светското првенство и голем број значајни турнири, а е позната и по форматот на турнирот наречен швајцарски систем, пишува, меѓу другото, ФИДЕ на својата интернет-страница.
Одржувајќи го своето шаховско наследство и улогата на дом на ФИДЕ, Швајцарија приреди голем шаховски настан, во Берн, церемонија во олимписки стил, а претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, го носеше факелот што го запали пламенот на централниот плоштад.
– Тука, во Швајцарија, се чувствуваме како дома и се надеваме дека овој настан ќе помогне да се заинтересираат повеќе луѓе да се вклучат во шахот – рече Дворкович.
Церемонијата со факелот беше почеток на неколку специјални настани што се одржаа во Берн. Прославата вклучуваше и поздравна порака од претседателката на Швајцарската шаховска федерација, Виола Амхерд, која им посака на сите „прекрасна прослава“, истакнувајќи го мотото на ФИДЕ „Ние сме едно семејство“, додавајќи: „Сакаме семејството да продолжи да расте“.
За да ја одбележи 100-годишнината на ФИДЕ, Швајцарската пошта (слави 175 години од своето основање) издаде специјална марка од прва класа, дизајнирана од илустраторката Кетрин Пирсон од Лозана.
– И ФИДЕ и швајцарската пошта имаат иста задача, да ги поврзат луѓето. Сега марката му припаѓа на целиот свет. Ова е огромен подарок за целото шаховско семејство и ја одржува традицијата на издавање поштенски марки што го прават шахот видлив за луѓето, низ целиот свет – рече Дворкович.
Ова е вторпат Швајцарија да издава шаховска марка. Првиот пат беше издадена во 1968 година, на прославата на Шаховската олимпијада во Лугано.
Верно на шаховската традиција, прославата во Берн имаше и шаховска симултанка на 32 табли, одиграна од поранешната светска шампионка, Русинката Александра Костењук, и еден од најголемите шахисти на Швајцарија, Вернер Хуг, кој беше јуниорски светски првак (во 1971 година). Потоа следуваше прослава за шаховските претставници на ФИДЕ и на Швајцарија, како и за истакнатите гости, меѓу кои и поранешниот светски првак Владимир Крамник и еден од водечките светски играчи во 80-тите години на минатиот век Артур Јусупов. Во текот на вечерта, Крамник одржа краток говор, во кој сподели спомени од шахот во Швајцарија од пред многу години, вклучувајќи и од познатиот меч помеѓу него и Петер Леко во 2004 година, одигран во Брисаго. Прославата на 100-годишнината на ФИДЕ заврши со вечера, на која истакнати гости од ФИДЕ и Швајцарската шаховска заедница беа почестени со награди во знак на благодарност за нивниот придонес и посветеност во унапредувањето на шахот. Г.И.