Нејзините достигнувања се неспоредливи. Таа има освоено 23 гранслем-титули во поединечна конкуренција, само една помалку од Австралијката Маргарет Корт, 14, во двојки и две во мешани двојки

Американската тенисерка Серена Вилијамс, со пораз од Австралијката Аља Томљановиќ (5-7, 7-6, 1-6), во возбудливиот тричасовен меч на стадионот „Артур Еш“, во третата рунда на гранслем-турнирот во Њујорк, ја заврши трофејната кариера. Сите беа на нозе кога таа го напушташе „Артур Еш“, каде што во 1999 година го освои првиот гранслем-трофеј, потоа уште пет. Додека ѝ отпоздрадуваше на публиката, ечеше поп-класиката на Тина Тарнер „Едноставно најдобра“.
– Им благодарам на сите што се тука, што беа на моја страна толку многу години, децении. Но сѐ започна со моите родители, тие се заслужни за сè, навистина сум им благодарна. И јас не би била Серена да ја немаше мојата сестра Венус, затоа ти благодарам. Таа е единствената причина што Серена Вилијамс некогаш постоела – изјави Вилијамс, која имаше само 14-години кога настапи на првиот професионален турнир, во 1995 година.

Серена и нејзината сестра Венус ги променија тениската игра и пристапот кон животот на многумина, без разлика дали сонуваа за професионална тениска кариера или едноставно за подобра, поправедна иднина за себе и за своето семејство, коментираат американските медиуми. Тие ја ставаат Серена на истото рамниште со Мухамед Али и со Били Џин Кинг, поради нејзиното влијание врз општеството, поради постигнувањата на теренот, но и надвор од него.
– Вилијамс долго време беше повеќе од тенисерка, таа имаше статус на американска икона, беше една од најпрепознатливите спортски ѕвезди во светот – напиша модниот магазин „Вог“ за неа откако објави дека ќе се пензионира.
Минатите денови, кога Вилијамс ќе излезеше на теренот беше претставувана како „кралицата на Квинс“, според квартот на Њујорк каде што се одржува турнирот, во специјално нарачаната видеомонтажа во која говори американската рап-ѕвезда Квин Латифа. На трибините беа уредничката на „Вог“, Ана Винтур, суперѕвездата на голфот Тајгер Вудс, Били Џин Кинг, филмскиот режисер Спајк Ли и многу други.
Убави зборови за Серена имаше поранешната прва дама на САД, Мишел Обама.
– Ти се една од најголемите спортистки на сите времиња. Со неверојатната кариера и со своите таленти сигурно ќе продолжиш да ги преобразуваш животите на многумина – напиша Обама на Твитер.

Со објави на Твитер, Серена ја поздравија и Опра Винфри и Леброн Џејмс, како и многу други познати јавни личности во САД.
Роџер Федерер, 20-кратниот гранслем-шампион, ѝ честиташе на Серена Вилијамс за „најневеројатната кариера“ и за сѐ што постигнала во тенисот.
– Еј, Серена, тука е Роџер! Сакам да ти честитам за неверојатната кариера. Ти знаеш што постигна и јас знам што направи ти, тоа е навистина неверојатно. Веројатно си со измешани чувства при напуштањето на овој прекрасен спорт што ти даде сè, па и повеќе – истакна, меѓу другото, Федерер во видеопораката.
Нејзините достигнувања се неспоредливи. Таа има освоено 23 гранслем-титули во поединечна конкуренција, само една помалку од Австралијката Маргарет Корт, 14 во двојки и две во мешани двојки во 27-годишната кариера, плус редица други недостижни рекорди. Серена освои по седум поединечни титули на Вимблдон и во Мелбурн, шест во Њујорк и три на Ролан Гарос.
Според податоците на „Ројтерс“, Вилијамс заработила над 94 милиони долари само од наградите на турнирите, но се проценува дека таа сума изнесува над 340 милиони долари од спонзорските и други комерцијални договори. По пензионирањето сигурно ќе има повеќе време да се занимава со деловни работи, но сака да се најде и во улога на амбасадорка во добротворна организација.

Л.Д.


Титулите на Вилијамс

ГРАНСЛЕМ ТРОФЕИ ПОЕДИНЕЧНО
Вимблдон 7 (2002, 2003, 2009, 2010, 2012, 2015, 2016)
Мелбурн 7 (2003, 2005, 2006, 2009, 2010, 2015, 2017)
Њујорк 6 (1999, 2002, 2008, 2012, 2013, 2014)
Ролан Гарос 3 (2002, 2013, 2015)
ДВОЈКИ
Вимблдон 6 (2000, 2002, 2008, 2009, 2012, 2016)
Мелбурн 4 (2001, 2003, 2009, 2010)
Њујорк 2 (1999, 2009)
Ролан Гарос 2 (1999, 2010)

МЕШАНИ ДВОЈКИ
Вимблдон 1 (1998)
Њујорк 1 (1998)
ЛЕТНИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ
Сиднеј 2000 злато, двојки
Пекинг 2008 злато, двојки
Лондон 2012 злато, поединечно
Лондон 2012 злато, двојки