Фото: ЕПА

Шпанецот Карлос Сајнц победи на трката во Мелбурн само 16 дена по операцијата на слепото црево. Актуелниот светски првак Ферстапен не успеа да влезе во историјата на Ф1 како возач со десет победи во низа, откако мораше да се откаже по четвртиот круг

ФОРМУЛА 1 – ТРКА ВО АВСТРАЛИЈА

Само 16 дена по операцијата на слепото црево, поради што не настапи на претходната трка во Џеда (Саудиска Арабија), Шпанецот Карлос Сајнц (29) победи на трката за големата награда на Австралија, која се возеше 58 круга на патеката „Алберт Парк“ во Мелбурн пред 132.106 гледачи (за време на тркачкиот викенд имало вкупно 452.055 гледачи, што е нов рекорд за ГН на Австралија). Сајнц возеше одлично и го држеше клупскиот колега и ривал Шарл Леклер од Монако на пристојна дистанца, без шанси да ја загрози неговата победа.
– Тоа беше навистина добра трка, се чувствував добро таму. Секако малку вкочането, а особено физички не беше најлесно, но имав среќа што бев повеќе или помалку сам и можев да управувам со моето темпо, со гумите, да управувам со сѐ, и тоа не ми беше најтешката трка од сите. Многу сум среќен и горд на тимот со еден-два победата заедно со Леклер – изјави Сајнц, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Актуелниот светски првак, Холанѓанецот Макс Ферстапен со Ред Бул, не успеа да влезе во историјата на Формула 1 како возач со десет победи во низа, откако мораше да се откаже по четвртиот круг поради проблеми со сопирачките иако имаше пол-позиција на стартот. Тринаесет круга подоцна, истото тоа го снајде и шесткратниот светски првак, Британецот Луис Хамилтон, кој имаше проблеми со моторот. Сајнц го помина Ферстапен во вториот круг и ја одбрани својата позиција пред Леклер и тандемот на Мекларен, Британецот Ландо Норис и Австралиецот Оскар Пјастри.
Трката, всушност, заврши со возење зад безбедносно возило, оти во жестоката битка за шестата позиција, во последниот круг Џорџ Расел ја загуби контролата во обидот да го помине Фернандо Алонсо и силно удри во заштитната ограда, но без поголеми последици за него.
Неполна една минута доцнеше Мексиканецот Серхио Перез со Ред Бул, кој како петти ја мина целта, а бодови освоија и Шпанецот Алонсо и Канаѓанецот Ленс Строл, Јапонецот Јуки Цунода и Германецот Ник Хулкенберг. Сите други возачи доцнеа еден или повеќе круга.
Благодарение на победите во Бахреин и во Саудиска Арабија, Ферстапен го задржа првото место во генералниот пласман, но сега има само четири бода повеќе од Леклер. Следната трка е закажана за 7 април во Јапонија.
Пласман на возачи: Ферстапен 51 бод, Леклер 47, Перез 46, Сајнц 40, Пјастри 28, Норис 27, Алонсо 20, Расел 18, Хамилтон 8, Строл 7, итн.
Пласман на тимови: Ред Бул 97 бода, Ферари 93, Мекларен 55, Астон Мартин 27, Мерцедес 5 итн. Г.И.