Фото: ЕПА

Картоните на пробна основа, од 1 август до 31 декември во професионални друмски трки за мажи и за жени, ќе се покажуваат „за секој прекршок што може да претставува ризик за безбедноста“. Нема да бидат издадени санкции во пробниот период, но ќе има казни, од парични до дисквалификации и суспензии, од 1 јануари 2025 година, пишува „Би-би-си“. Два жолти картона во еднодневна или етапна трка ќе резултираат со седумдневна забрана за настап

Интернационалната велосипедска унија (УЦИ) ќе проба воведување жолти картони за да го направи професионалниот велосипедизам „побезбеден спорт“, пишува „Би-би-си“. Давид Лапартиен, претседател на управното тело на тој спорт, рече дека картоните на пробна основа, од 1 август до 31 декември во професионални друмски трки за мажи и за жени, ќе се покажуваат „за секој прекршок што може да претставува ризик за безбедноста“.
Нема да бидат издадени санкции во пробниот период, но казните, кои се движат од парични до дисквалификации и суспензии, ќе им бидат наметнати на возачите од 1 јануари 2025 година, пишува „Би-би-си“. Два жолти картона во еднодневна или етапна трка ќе резултираат со седумдневна забрана за настап.
Тестирањето жолти картони е дел од пакетот мерки во рамките на програмата на УЦИ, која има цел да ја подобри безбедноста на велосипедистите по некои инциденти од висок профил сезонава.
Двократниот победник на Тур де Франс од Данска, Јонас Вингегард, имаше повреда на белите дробови, а австралискиот велосипедист Џеј Вајн доби повреди на ’рбетот по инцидент со голема брзина. Примож Роглиќ и колегата победник на грантур-трка, Ремко Евенепул, исто така, напуштија трка откако паднаа.
– Безбедноста на велосипедистите е приоритет за УЦИ, па токму со ова на ум ја создадовме програмата, соединувајќи ги главните чинители во професионалниот друмски велосипедизам. Убеден сум дека најавените мерки ќе ни овозможат да напредуваме кон побезбеден спорт – рече Лапартиен.
Покрај жолтите картони, УЦИ сака да тестира и ограничувања за носење и користење слушалки на трки, за кои вели дека „може да бидат и извор на одвлекување на вниманието за возачите и физичка опасност“. Треба да се разгледаат и модификациите на таканареченото правило за спринт зона на „три километри“ и поедноставување во пресметувањето на временските разлики во етапи со комплетна спринт-завршница. Н.М.