На Б-турнирот прв е Халиловиќ, со максимални седум поени

ШАХ – СКОПЈЕ ОПЕН 2023, СЕДМО КОЛО

Пет победи и по 12 ремија и порази е резултатот на 29-те македонски шахистки/ки во седмото коло на традиционалниот меѓународен турнир Скопје опен 2023 на А-турнирот (настапуваат шахисти со најмалку 2.000 рејтинг-поени), на кој учествуваат 128 шахисти/ки (14 велемајстори) од 20 држави. На две кола до крајот на турнирот најуспешен Македонец, 23-ти, е велемајсторот (ВМ) Никола Николовски (рејтинг 2.389, рангиран 19-ти пред почетокот на турнирот) со 4,5 поени.
На врвот во водство и понатаму е ВМ од Норвешка, Евгени Романов (рејтинг 2.561) со 6,5 поени, а го следат ВМ од Туркменистан, Мејлис Анабердијев (2.458), ИМ од Германија, Александер Крастев (2.447), и ВМ од Црна Гора, Никола Ѓукиќ (2.518), со по 5,5. Турнирот се смета и за прво Балканско првенство во машка и во женска конкуренција, а најблиски до трофеите засега се Ѓукиќ со 5,5 и Радева (Бугарија) со 4,5 поени.
На Б-турнирот (до 2.000 рејтинг-поени) играат 169 шахисти/ки од 21 земјa, а по седмото коло и понатаму води Фахрудин Халиловиќ (рејтинг 1.997) од БиХ со максимални седум поени, а од македонските претставници Андреј Иванов (1.571, 58-ми) е петти со 5,5 поени, колку што имаат уште четворица македонски шахисти. Г.И.