ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ВУЕЛТА

Еквадорецот Ричард Карапаз ја забележа втората етапна победа на годинашната, 77. велосипедска трка Вуелта, од што најголема корист имаше победникот во последните три години, Словенецот Примож Роглич, кој ја намали разликата за 48 секунди зад лидерот на трката, Белгиецот Ремко Евенепул, и сега има минус од достижни 1,49 минута.
Карапаз беше единствениот „преживеан“ од побегнатите возачи на 14-та етапа долга 160 км, но главната драма се одвиваше зад него, пред финишот. На последното искачување на Сиера Невада, кое поранешниот шампион Алберто Контадор го има опишано како „пекол“ и е со 15 проценти косина, Роглич го нападна лидерот Евенепул, кој не реагираше, само ладнокрвно го гледаше Словенецот како се оддалечува од него и продолжи да вози со свое темпо во последните три километри, поминувајќи ја целната линија со заостаток од речиси една минута.
– Не можев да забрзам кога Роглич ме помина. Ги немав најдобрите нозе. Но сè уште сум прв, нема за што да се грижам. Само се надевам дека тоа беше мојот најлош ден на оваа трка – изјави 22-годишниот Евенепул.
Данецот Мадс Педерсен ја задржа зелената маичка за спринтерските поени еден ден по неговата етапна победа.

Л.Д.