Таа ја претрча патеката за 11:58,61 минути. Досегашниот рекорд изнесуваше 12:09,82 минути, а беше во сопственост на Марија Стојановска
АТЛЕТИКА
Македонската атлетичарка, членка на скопскиот клуб Делта, Миљана Ристиќ-Стојчевска, постави нов македонски рекорд во дисциплината 3.000 метри со пречки, истрчувајќи ја патеката со време од 11:58,61 минути. Таа го забележа ова извонредно остварување на поединечното атлетско Првенство на Македонија, кое се одржа викендов на арената „Тодор Проески“ во Скопје.
Досегашниот рекорд во оваа дисциплина изнесуваше 12:09,82 минути, а беше во сопственост на Марија Стојановска, исто така, членка на клубот Делта, поставен во 1995 година.
Ова претставува само продолжување на успешните настапи и поставување лични и национални рекорди на македонски атлетичари и атлетичарки од минатиот викенд. Така, на митингот во Крањ (Словенија), Јован Стојоски повторно го собори рекордот на 400 метри со пречки и сега тој изнесува 52,84 секунди. Со победата на атлетската трка на пат „Халк еко Скопје трча“, Адријана Поп Арсова успеа да го подобри својот и македонски рекорд на 10 километри за 27 секунди и сега тој изнесува 34:42 минути.
На митингот, Светски ден на атлетиката, кој се одржа во Скопје, Владимир Битољану продолжи со серијата успешни резултати, сега поставувајќи нов македонски рекорд на 200 метри во младинска категорија со време од 21,86 секунда. Досегашниот рекорд беше во сопственост на Ристе Пандев (22,06). Забележителен настап имаше и Брајан Авиа, кој на средношколските атлетски натпревари во скок во височина ја прескокна височината од 2,02 метра. Г.И.