Моника Жежовска

Ристески во категоријата до 18 години и Жежовска во категоријата до 14 години го освоија 41-то место, со по шест поени, колку што имаше и Златков (до 16 год.) на 48-то место

ШАХ – МЛАДИНСКО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

Вкупно 60,5 поени од 143 можни (42,3 отсто), остварени 44 победи (30,7), 33 ремија (23) и 66 порази (46,1) е вкупниот резултат на 13 македонски претставници на Светското првенство (СП) за шахисти/ки до 14, 16 и до 18 години, кое се одржа во Романија.
Најдобропласиран македонски шахист е сениорскиот репрезентативец, ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Емил Ристески (2.364 рејтинг-поени, рангиран на 22-то место пред почетокот на СП), кој во категоријата до 18 години, со шест поени (три победи, шест ремија и два пораза) е 41., а најдобра шахистка е сениорската репрезентативка Моника Жежовска (1.658, рангирана 33-та), која во категоријата до 14 години го освои, исто така, 41-то место, со шест поени (по четири победи и ремија и три порази). Шест поени (пет победи, две ремија и четири порази) впиша и Антон Златков (2.165, рангиран 47-ми) во категоријата до 16 години, за 48-то место.
Подобар пласман од почетниот ранг имаше само Дино Табаковски (1.675, рангиран 101.), кој со 4,5 поени е на 88-то место. Ист пласман како почетниот, 49-ти, оствари Стојан Велкоски (рејтинг 1.871) со 4,5 поени (до 18 год.), а покрај Златков, едно место назадуваше уште Леонид Петрески (2.148), кој е 60-ти со 5,5 поени (до 18 год.). Нови рејтинг-поени освоија Табаковски (плус 40,4), Теодор Јовановски (плус 34,4) и Михаела Зрмановска (плус 0,4), сите во категоријата до 18 години.
Андреи Калин (1.707, рангиран 93.) го освои 120-то место, со четири поени во категоријата до 14 години. Кристијан Лазовски (1.381, рангиран 122.) со 3,5 поени го освои 127-то место во категоријата до 14 години, а Михаил Јорданов (2.158, рангиран 58.) со пет поени заврши на 69-то место до 18 години. Јована Давиткова (1.429, рангирана 61.) е на 77-то место, со 4,5 поени, до 14 години и Инџи Ајрадиноска (1.501, рангирана 74.), со четири поени, го освои 77-то место до 16 години.
На СП во мошне силна конкуренција (18 ИМ, 4 ЖИМ, 71 ФМ, 27 ЖФМ), учествуваа вкупно 620 шахист(к)и од 72 држави. Г.И.