ШАХ
По девет кола, тој освои седум поени, забележувајќи пет победи и четири ремија
Македонскиот интернационален мајстор (ИМ), репрезентативец и член на ШК Алкалоид Емил Ристески (2.410, рангиран 24-ти пред почетокот на турнирот) го освои одличното 12. место (делба од четвртото до 12-то) на силниот турнир Опен Д во Прага (Чешка), во рамките на Шаховскиот фестивал, а во организација на повеќекратниот европски шаховски клупски првак Нови Бор. Во конкуренција на 357 шахисти (11 ВМ, пет ЖВМ, 23 ИМ, четири ЖИМ, 54 ФМ, 14 ЖФМ) од 49 држави, Ристески (21) освои седум поени (пет победи и четири ремија, без пораз), со што освои и нови 5,1 рејтинг-поени.
Тој ги победи ЖФМ Луција Стршкова (2.015) од Словачка, ЖФМ Антонија Христодоулаки (2.144) од Грција, ЖВМ Нилуфар Јакубаева (2.195) од Узбекистан, ФМ Сергеј Елисеев (2.303) од Норвешка и ФМ Џон Хајнрих (2.333) од Германија. Половина поен освои на дуелите со ФМ Бејхун Сенел (2.116) од Турција, ФМ Михал Јареш (2.324), ИМ Епамеинондас Коуроусис (2.327) и ФМ Матоуш Ерет (2.310), сите тројца од Чешка. На турнирот победи познатиот ВМ од Индија и член на ШК Нови Бор, Кришнан Сасикиран (2.539, рангиран трет) со осум поени.
На главниот мастер-турнир, меѓу 10 шахисти, славеше истакнатиот ВМ од Узбекистан, Нодирбек Абдусаторов (2.751, рангиран петти пред почетокот на турнирот) со шест поени, а актуелниот и најмлад светски првак во историјата, Индиецот Домараџу Гукеш (2.754, рангиран прв) го освои деветтото место со 3,5 поени од девет кола. Г.И.
































