Фото: ЕПА

Онлајн натпреварот во Фишеров шах почна на 4 април на „Чес“, најголемата светска шаховска интернет-страница. Членовите на тимот на светот, за кој може да се пријави секој низ светот, гласаа за секој потег и секоја страна имаше 24 часа да го одигра својот потег. Карлсен играше со белите фигури

ШАХ

Норвешкиот шаховски велемајстор Магнус Карлсен беше принуден на реми во понеделникот од повеќе од 143.000 луѓе низ светот што играа против него во една партија што постави рекорд, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Најавен како „Магнус Карлсен против светот“, онлајн натпреварот почна на 4 април на „Чес“, најголемата светска шаховска интернет-страница, и беше првата онлајн средба во т.н. Фишеров шах во која учествуваше светски шампион.
Членовите на тимот на светот, за кој може да се пријави секој низ светот, гласаа за секој потег и секоја страна имаше 24 часа да го одигра својот потег. Карлсен играше со белите фигури. Светот го принуди на реми по 32-от потег, откако трипати во иста позиција му даде шах на Карлсен во аголот на таблата каде што не можеше да избега. Правилото се нарекува „трикратно повторување“, што значи дека сите фигури на таблата се во точно иста позиција трипати, по што мечот завршува со нерешен резултат.
Карлсен (34) стана најдобро рангиран играч во светот во 2010 година, со 19 години, и пет пати беше светски првак. Тој го постигна досега највисокиот шаховски рејтинг од 2.882 поени во 2014 година и е неприкосновен број 1 во светот повеќе од една деценија.

– Генерално, „светот“ играше многу, многу добар шах од самиот почеток – рече Карлсен.
Во натпревар во Фишеров шах фигурите од првиот ред се наредени по случаен избор, а пешаците се на нивните вообичаени места. Фишеровиот шах е популарен бидејќи им овозможува на играчите да бидат покреативни и да избегнуваат меморирање.
Ова беше трет онлајн натпревар „против светот“, кој поставува рекорди. Во 1999 година Гари Каспаров играше со повеќе од 50.000 луѓе на мрежата на „Мајкрософт“ и победи по четири месеци. Минатата година Вишванатан Ананд го доби својот натпревар „против светот“ против речиси 70.000 играчи на „Чес“. Во виртуелниот разговор за „Чес“ неделава играчите се поделија околу тоа дали да го принудат на реми и да ја бараат славата или да продолжат да играат против Карлсен, дури и ако на крајот тоа значи пораз.
„Не ремизирајте! Ајде да продолжиме да играме со Магнус“, напиша еден корисник. „Ова е шанса што нема да се појави повторно. Попрво би играл со велемајсторот докрај и да видам дали ќе можеме да се бориме во уште 20 или 30 потези. Ајде да се забавуваме“. Друг додаде: „Благодарам, Магнус, за одличниот меч. Напишавме историја“, објави АП. Н.М.