Според новите правила, точно се утврдува кои елементи треба да ги содржи едно џудо-фрлање, падот на противникот и со каков поен би се оценило тоа, вели Дејан Мицкоски, лиценциран џудо-тренер од А-категорија

ЏУДО – ВО ПРИЛЕП СЕ ОДРЖА ЕДУКАТИВЕН СЕМИНАР

Во Прилеп, во организација на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) и техничка организација на тамошниот џудо-клуб Сеишин, се одржа стручен семинар за џудо-тренери и судии. Во присуство на околу 40 национални џудо-тренери и судии од клубови од Македонија, главна тема беше разработување на измените на правилата што ќе важат во Олимпискиот циклус 2022-2024 година. Предавачи на семинарот беа Томе Јосифоски, интернационален џудо-судија од Б-категорија и актуелен претседател на Судиската комисија при ЏФМ, и Дејан Мицкоски, лиценциран џудо-тренер од А-категорија, член на стручниот совет и на Дан-комисијата при ЏФМ. Предавачите ги споделија со своите колеги сите промени што беа претставени на семинарот за судии и тренери, неодамна одржан во португалскиот град Лисабон, а на кои тие присуствува заедно со околу 100 стручни лица, џудо-тренери и судии од речиси сите европски држави.
– Меѓу другото, најкарактеристични промени со посебен фокус беа ставени во делот од препознавање на поентирањето, каде што, според новите правила, точно се утврдува кои елементи треба да ги содржи едно џудо-фрлање, падот на противникот и со каков поен тоа би се оценило. Исто така, особено важна измена е и тоа што многу ризични позиции по здравјето на еден од натпреварувачите кога се изведуваат некои од џудо-техниките се казнуваат и со дисквалификација, бидејќи главниот фокус е, сепак, да се оди на безбедно џудо – ни изјави Мицкоски, кој е и главен тренер на џудо-клуб Сеишин од Прилеп.
Џудото како мошне динамичен спорт постојано е изложено на нови тренинзи и натпреварувачки ситуации. Новиот олимписки циклус треба да почне со олимписките квалификации за ЛОИ 2024 година, а Интернационалната џудо-федерација (ИЏФ) ги приспособува токму новите судиски правила за да ги одрази развојните потреби на овој спорт.