Аниш Гири ја освои титулата на ланскиот турнир / Фото: ЕПА

Од 14-те велемајстори учесници на Мастерсот, седум се меѓу првите 20 играчи на ранг-листата на ФИДЕ. Од турнирот ќе отсуствува водечкиот, Карлсен

На трaдиционалниот шаховски турнир во холандски Вајк ан Зе, чие 86-то издание е во тек, првпат настапуваат тројца актуелни светски шампиони во класичен шах, пишува на официјалната интернет-страница на турнирот. Така, на мастерс-турнирот ќе играат Динг Лирен (Кина), актуелен планетарен првак, и Ју Венјун (Кина), актуелна светска шампионка, а јуниорскиот светски првак Марк Андриа Морици (Франција) ќе игра на Челинџер-турнирот.
– Тоа ќе биде уште едно одлично издание. Никогаш досега не присуствувале тројца актуелни светски шампиони – рече директорот на турнирот, Јероен ван ден Берг.
Од првото издание во 1938 година, на овој престижен турнир победувале многу познати шахисти, најмногу Магнус Карлсен (осум), а потоа следуваат Вишванатан Ананд (пет), Макс Еве, Левон Аронијан, Виктор Корчној, Лајош Портиш (по четири)… Трофејот лани го освои Аниш Гири. Од 14-те учесници на Мастерсот, седум се меѓу првите 20 на ранг-листата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Од турнирот ќе отсуствува водечкиот Карлсен.
– Распоредот на Магнус не му дозволува да учествува годинава. Во февруари игра уште неколку турнири и тоа значи дека по 20 години вторпат не е на нашиот турнир – вели Ван ден Берг.
Резултати 1. коло: Домарају Гукеш (2.725) – Нодирбек Абдусаторов (2.727) реми, Рамешбабу Прагнананда (2.743) – Пархам Магсодло (2.740) реми, Видит Гујрати (2.742) – Динг Лирен (2.750) реми, Жорден ван Форест (2.682) – Алиреза Фирузја (2.759) 0-1, Александар Донченко (2.643) – Ји Веи (2.740) 0-1, Макс Вармердан (2.625) – Јан Непомнијашчи 2.769) 0-1, Венјун Ју (2.549) – Аниш Гири (2.749) 0-1.


Абасов на местото на Карлсен на Турнирот на кандидатите

И покрај тоа што се пласира на Турнирот на кандидатите за годинава (во април, во Торонто) со освојување на Светскиот куп на ФИДЕ во 2023 година во Азербејџан, светскиот шахист број еден, Норвежанецот Магнус Карлсен, официјално се повлече од настанот. Според правилото за кандидати на ФИДЕ, слободното место оди кај следниот шахист со највисок пласман на СП 2023, а тоа е Азербејџанецот Нијат Абасов (2.641 рејтинг-поени), кој беше четврти. На Турнирот на кандидатите, чиј победник ќе го предизвика светскиот првак Кинезот Динг Лирен, ќе настапат и Јан Непомнијашчи од Русија, Алиреза Фирузја од Франција, Рамешбабу Прагнананда, Видит Гујрати, Домарају Гукеш од Индија и Фабијано Каруана и Хикару Накамура од САД.


Шаховски Вимблдон

Според својот квалитет, турнирот во Вајк ан Зе е познат и како турнир што го именуваат и како „Вимблдон во шахот“. Го споредуваат и со другите тениски гранслем-турнири, во скијањето со познатите спуст-патеки во Венген и во Кицбил, во скијачките скокови со новогодишната турнеја „Четири скокалници“, со трите велосипедски грантур-трки, Џиро д’Италија, Тур де Франс и шпанската Вуелта… Г.И.