Швајцарската скијачка на минатите две ЗОИ, во Сочи и во Пјонгчанг, беше четврта во супервелеслалом. Таа има и две олимписки бронзи и е првата олимписка и светска шампионка во супервелеслалом

ЗИМСКИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ – СУПЕРВЕЛЕСЛАЛОМ

Швајцарката Лара Гут-Бехрами го освои златниот медал во супервелеслалом на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг и стана првата олимписка и светска шампионка во оваа дисциплина. Тоа беше прв златен медал во супервелеслалом за Швајцарија, што ја прави прва држава со освоени златни медали во сите шест алпски дисциплини.
Австријката Мирјам Пучнер, на првиот настап на ЗОИ, го освои среброто, а Швајцарката Мишел Гисин, бронзата. Бранителката на титулата од Пјонгчанг 2018, Естер Ледецка од Чешка, беше петта. Ледецка пред четири години стана првата натпреварувачка што освоила злато во два различни спорта на исти Игри, во супервелеслалом и во паралел-велеслалом, во сноуборд. Во Пекинг повторно освои злато во паралел-велеслаломот, но не и во алпската дисциплина, со што не успеа да забележи историски подвиг.
Првото олимписко злато за Гут-Бехрами (30) дојде по двата пласмани во низа на четвртото место во супервелеслалом, во Сочи и во Пјонгчанг. Таа има и две бронзи од ЗОИ, во велеслалом од Пекинг и во спуст од Сочи.
– Само се обидов да скијам, ништо повеќе, ништо помалку, не размислував на ништо друго. Понекогаш тоа е проблемот, размислуваме премногу и се обидуваме да направиме нешто поинаку на Игрите. Знаев дека ова веројатно ќе ми биде последниот олимписки супервелеслалом во животот и сакав да скијам што подобро. Разликата во време секогаш е мала, па не беше лошо да имам неколку стотинки од секундата на моја страна – изјави Гут-Бехрами, која лани во Кортина д’Ампецо стана светска првенка во велеслалом и во супервелеслалом.
Двојната олимписка шампионка од Сочи (слалом) и од Пјонгчанг (велеслалом), Американката Микаела Шифрин, една од најголемите фаворитки за медали во Пекинг, излета од патеката во првото возење во слалом и во велеслалом, но на оваа трка стигна до целта и беше деветта. Таа изјави дека е среќна и оти ѝ било многу „забавно“, но и дека „во скора иднина“, нема да зборува за медиумите оти премногу време одговарала на многуте прашања по слаломот. Шифрин пристигна во Пекинг со цел да се натпреварува во петте поединечни дисциплини. Спустот и алпската комбинација допрва следуваат.


Алпската комбинација ќе ја нема повеќе на ЗОИ!

Трката во алпска комбинација би можела да испадне од програмата на ЗОИ. Во Пекинг на машката трка настапија само 27 скијачи, помалку од половина од 65-те во Пјонгчанг 2018, и помалку од 43-та во спуст и 47-те во супервелеслалом. Ваква трка нема во Светскиот куп (СК) поради што сѐ повеќе се размислува да ја нема и на ЗОИ, иако е на програмата уште од Игрите во 1936, а дури подоцна беа додадени спустот, слаломот, велеслаломот и супервелеслаломот.
Претседателот на Интернационалната скијачка федерација (ФИС), Јохан Елијаш, не сакаше да се изјаснува, велејќи дека некои работи допрва треба да се проучат и потоа да се донесат одлуките. Се чини дека најголемата привлечност на комбинацијата е и нејзиниот најголем проблем. Таа се состои од една брза (спуст) и од една техничка трка (слалом), и некои ја фалат и ја сметаат како најдобар тест за разновидноста во спортот. Но универзалните скијачи ги има сѐ помалку, така што едноставно не останаа многу скијач(к)и што се добри и во спуст и во слалом. Најдобар пример за тоа е сребрениот медалист од Пекинг, Александар Амод Килде од Норвешка, кој рече дека не тренирал, а камоли да возел слалом минатите две години!