Самир Реџепи во елемент

КОЊИЧКИ СПОРТ – МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР ВО БУГАРИЈА

Македонските претставници постигнаа забележителен успех, освојувајќи две први места и едно второ на традиционалниот меѓународен коњички турнир во Бугарија, кој е влезен и во календарот на Европската коњичка федерација.

На победничкиот пиедестал највисоко се искачи Самир Реџепи со грлото „Коку Сениор“ во категоријата Сребрена тура, со височина на пречките од 1,25 до 1,35 метар. Славеничкиот пехар го подигна и Љупка Аврамовиќ со грлото „Колпо Гросо“ во категоријата Бронзена тура, со височина на пречките од 1,1 до 1,2 метар. Второ место освои Силја Дуковска со грлото „Најтингел“ во категоријата Деца во мешана екипа (заедно со претставнички од Романија и од Грција), со височина на пречките од 1,15 до 1,25 метар.

Од другите македонски учесници, Петар Милошевски со грлото „Надја“ го освои 10-то место, Дарио Гроздановски со грлото „Парадизо Силвано“ беше на 16-то, а Леонида Гроздановска со грлото „Гилдан“ на 20-то место. На турнирот настапија 40 натпреварувачи од пет држави (Македонија, Романија, Турција, Грција и Бугарија), а шеф на македонската екипа беше Дарио Милески.