Саздовски беше тренер низ чии раце поминаа многу познати каратисти. По осамостојувањето на нашата држава, тој стана прв генерален секретар на Карате-федерацијата на Македонија, а беше и селектор на репрезентацијата
Д-р Чедомир Саздовски (2)
Една од најпознатите личности во македонското карате, уште од моментите кога почна да се практикува овој спорт во Македонија, секако е д-р Чедомир Саздовски. Тој со своите резултати и вкупниот ангажман остави силен печат на времето кога каратето минуваше еден тежок пат да се пробие и да стане она што е денес – спорт со кој се гордееме и во кој имаме многу имиња со меѓународна репутација. Колкав беше придонесот на Саздовски во создавањето квалитетни каратисти говори и фактот што тој дури седум пати беше прогласуван за тренер на годината, а трипати за најуспешен селектор. Кога на ова ќе се додадат и неговите резултати како натпреварувач, тогаш нема дилеми оти Саздовски е човек што целосно им се посвети на далекоисточните спортови, зашто покрај каратето, за кое може да се каже дека е негов основен спорт, тој се занимаваше и со џудо и аикидо.
БЕЛГРАДСКИТЕ ИСКУСТВА
Сакајќи да навлезе што повеќе во спортот, особено во тренажниот процес, Чедо Саздовски не се задоволи само со знаењата што ги стекна на Високата школа за физичка култура во Скопје, туку продолжи понатаму. Замина во Белград и се запиша на Факултетот за физичка култура, на времето познат како ДИФ.
– Самото заминување во Белград значеше и промена на клупската средина. Затоа, за да можам и понатаму да се натпреварувам, станав член на клубот Нови Београд. Таму се негуваа сите борачки спортови, но приоритетно беше џудото. Воопшто не ми беше тешко да се вклучам во спортот, во кој впрочем и почнав. Настапував на џудо-натпреварите, но не го запоставував и каратето, а што е интересно сѐ повеќе почнав да му обрнувам внимание и на аикидото, во кое тренер ми беше еден од најпознатите промотори на овој спорт Врачаревиќ. Со еден збор, сѐ што беше донесено како спорт од Далечниот Исток овде, во клубот во Нови Београд, се практикуваше. Се сеќавам и на зборовите на Врачаревиќ, кој често знаеше да каже: Комбинацијата на џудо и аикидо дава еден посебен шмек и не ти дозволува да се оддалечиш од нив. И навистина беше така, кога ќе навлезеш во нив, повеќе нема бегање. Тие ми доаѓаа и како убава подготовка за настапи во каратето. Покрај Врачаревиќ, во клубот како тренер работеше Марко Растовиќ, кој беше човек со големо искуство и од кого навистина можеше да се научи многу. Тие искуства од Белград многу ми помогнаа понатаму во тренерската кариера. Интересно е дека сите тренери што работеа во клубот во Нов Белград постојано потсетуваа на тоа дека во овие спортови, кои може да бидат и опасни, треба да си дисциплиниран и одговорен. Едноставно не смее спортистот да се впушти во непотребни егзибиции и притоа да ја загуби контролата. Тоа го знаев уште кога почнав да се занимавам со борачките спортови. Ми беше совршено јасно оти само со внимателен настап на татамите може да се дојде до посакуваниот резултат. Со оглед на тоа што во суштина сум дисциплиниран и одговорен, воопшто не ми беше тешко да се адаптирам на секаков противник – вели Саздовски.
Кога ги заврши студиите и се врати во Скопје продолжи да се натпреварува. Саздовски и понатаму во потешките категории беше супериорен и ги победуваше ривалите. Интересно е дека тој полесно се справуваше со потешките, оние што приближно има иста тежина како него, одошто со полесните каратисти. Зошто беше така?
– Па, полесните напаѓаа како оси, нормално, беа и побрзи од мене. Иако имав добар рефлекс, некогаш реагирав побавно, зашто, сепак, тежината го правеше своето. Но тоа што тие „помалите“ ми создаваа проблеми не значи дека не можев да се справам со нив. Не, само на моменти тие ја имаа иницијативата и користејќи ја својата брзина се обидуваа да нападнат. Се сеќавам, имаше еден каратист, Душан Давчиќ, кој тешко можев да го дофатам, бегаше, се вртеше на сите страни, па, така, и мене ме шеташе по татамите сѐ додека не го дофатам. Потоа, немаше каде да бега – вели тој.
Во времето кога Саздовски беше активен, имаше една генерација каратисти што во различни категории беа шампиони на државата. Од нив, најдалеку стигна Димче Кичевски, кој беше првиот Македонец што ја освои титулата првак на Југославија.
– Кичевски беше неверојатен каратист, брз, паметен, издржлив. Тој беше вооружен со знаење. Кога заврши како активен каратист, имаше добри резултати и како селектор на сениорската репрезентација на Македонија – вели тој.
Саздовски ги споменува и другите од времето кога и тој почна да работи како тренер. Не ги заборава оние со кои долго минуваше на татамите. Во таа група добри каратисти ги споменува Димче Савевски, Куртиш, Јакимовски, а едно од почесните места има Назим Куртовиќ, кој неколку години беше стандарден југословенски репрезентативец. Тој настапи на неколку европски и светски првенства, освои и медали и направи навистина една убава кариера.
– И девојките можеа да се пофалат со добри резултати. На првата освојувачка на медал од европските првенства Луиза Гашева ѝ се приклучија Емилија Ацевска и Бисера Тушевска, која подоцна настапуваше за екипите на Соко штарк и на Партизан. Не треба да се заборават и Коцева и Николовска, кои секаде каде што учествуваа беа меѓу првите – продолжи Саздовски.
ПРВ ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА МАКЕДОНСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА
Скопските студенти што дипломираа на ДИФ во Белград добро се сеќаваат на професорот Павле Опавски.
– Од него, не само јас туку сите негови студенти многу научивме. Она што тој им го „даруваше“ на студентите се прераскажува и денес. Неговите искуства многу ми користеа кога запливав во тренерските води и станав тренер на КК Кисела Вода. Нема да бидам нескромен ако кажам дека и резултатите брзо дојдоа. Марјан Добревски беше втор во вуко-стил во Југославија, Стевче Јакимловски на државното првенство во Прилеп, исто така, беше втор, а висок пласман имаа и Љубомир Петковски, Бране Трповски, Ацо Јовановски, а меѓу девојките тука беа Бисерка Тушевска и Емилија Ацевска – вели тој.
Саздовски созреваше како тренер и беше подготвен да прифати секаков предизвик. Така, по распадот на поранешната држава, тој стана селектор на младинската репрезентација на Македонија, додека Димче Кичевски беше задолжен за сениорите.
– Откако станавме самостојна држава, картистите беа први што почнаа да учествуваат на меѓународните приредби. Уште во почетокот на 1991 година, во Ден Хаг, бевме примени за придружна членка, а истата година на 8 мај, во Гранада, станавме полноправна членка на Меѓународната федерација. Овој прием уште повеќе ги подгреа нашите надежи дека, еве, сега ќе можеме рамноправно со другите да учествуваме на сите светски и европски шампионати. Бев особено радосен и горд што во тие моменти бев генерален секретар на Македонската карате-федерација, функција што заедно со селекторската на младинската репрезентација ја извршував до 2000 година. Тоа беше време кога ги освоивме првите медали за Македонија на европските првенства. Меѓу освојувачите беа Елвир Куртановиќ, кој беше прогласен и за најдобар спортист на Македонија во 1993/1994 година, потоа Давор Панијан, Стојановски, Тушевска, Чешелковска. Како селектор на младите, под мое водство, освоивме повеќе од 30 медали. Но, за жал, тоа беше период кога дојде и до несогласувања и кавги меѓу каратистите. Јас и легендарниот Венцислав Недев го протежиравме сестилското карате, кое беше продолжение на она старото добро познато карате, а Сејдо Тофиловски и Јован Лазаров беа за новото. Во ситуација кога постоеја две паралелни федерации, за да не бидам пречка во развојот на каратето, јас се повлеков и оставив да работат другите – продолжи Саздовски.
Чедо Саздовски, кој беше почитуван во професорската фела, стана и раководител на Центарот за физичко воспитување при универзитетот „Кирил и Методиј“, преку кој се одвиваше наставата на сите факултети. Иако со многу ангажмани, не ја запостави и политиката, па во еден мандат беше пратеник во Собранието на Македонија, а напиша и голем број книги од областа на каратето и спортот воопшто.