Остануваме отворени за соработка за сите училишта, јавни институции и приватни компании, кои сакаат да се приклучат кон идејата за имплементирање на шахот како предмет во основните училишта и со тоа да им дадеме можност на најмладите преку изучување на шахот да ги подобрат своите когнитивни способности, велат од ШФМ
ШАХОВСКА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА
И оваа учебна година, Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) продолжува со обука на наставниците од основните училишта што изразиле желба да одржуваат час по шах, кој од минатата учебна година е изборен предмет во основните училишта (во прво, второ, четврто и во петто одделение), како и со акцијата донирање шаховски гарнитури.
– Остануваме отворени за соработка за сите училишта, јавни институции и приватни компании, кои сакаат да се приклучат кон идејата за имплементирање на шахот како предмет во основните училишта и со тоа да им дадеме можност на најмладите преку изучување на шахот да ги подобрат своите когнитивни способности – велат од ШФМ.
Оваа учебна година, ШФМ ја почна од Општина Гостивар.
– Обука на наставниците заинтересирани да го одржуваат часот по шах почна од Гостивар, каде што беше одржана обука за заинтересираните наставници, а продолжи во основните училишта во Општина Велес, каде што обуката ја посетија 15 наставници од шест училишта. И во овие училишта дониравме шаховски гарнитури, кои се надеваме дека ќе бидат добар поттик за понатамошен развој на шахот во училиштата. А со поддршка на шаховскиот клуб Цареви Кули и Општина Струмица, одржавме и обука за 15 наставници од седум основни училишта од територијата на Општина Струмица. И тука дониравме шаховски табли во училиштата што покажаа интерес да го имплементираат часот по шах – информираат од ШФМ. Г.И.