На СП ќе настапат 16 репрезентации, со вкупно 78 шахисти (еден велемајстор, пет интернационални велемајстори, еден женски интернационален мајстор, четири ФИДЕ-мајстори и двајца кандидат-мајстори). Македонија досега била домаќин на повеќе големи шаховски натпреварувања, од шаховски олимпијади, турнири „Средба на солидарноста“, поединечно ЕП, Европскиот клупски куп, ЕП во забрзан и во брз шах, СП во решавање и компонирање шаховски проблеми, меѓузонски турнир, Конгрес на ФИДЕ…

ОХРИД ДОМАЌИН НА ЕКИПНОТО СП ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ ШАХИСТИ

Охрид, од 27 јуни до 7 јули, ќе биде домаќин на 9-то екипно машко Светско првенство (СП) во шах за слепи и за слабовидни лица, со што продолжува традицијата на одржување големи шаховски манифестации во Македонија. На СП ќе настапат 16 репрезентации со вкупно 78 шахисти (еден велемајстор, пет интернационални велемајстори, еден женски интернационален мајстор, четири ФИДЕ-мајстори и двајца кандидат-мајстори). Се играат седум кола (на по четири табли, со временско темпо од 120 минути за цела партија).
Во т.н. „жолта“ група се Полска, Романија, Украина, Унгарија, Бугарија, Словенија, Франција и Косово, а во „црвената“ група се Македонија, Србија, Германија, Шпанија, Индија, Италија, Израел и Хрватска. Најдобрите две селекции од двете групи ќе се пласираат во полуфиналето. Прворангирана пред турнирот е Полска (2.234 просечен рејтинг), Македонија е 13-та (1.929), прворангиран шахист е шпанскиот интернационален мајстор Едуардо Пулвет (2.523), а македонски шахист е Жарко Селковски (1.991) на 31-то место.
– На СП играат најдобрите 16 репрезентации од квалификацискиот турнир во Кипар, лани, каде што се одржа Конгресот на кој ја добивме организацијата на ова СП, по претходен конкурс. Организатор на СП е Националната спортска федерација на слепи на Македонија со поддршка од Шаховската федерација на Македонија, Агенцијата за млади и спорт и, секако, од приватни спонзори – ни изјави директорот на СП и еден од главните луѓе околу непосредната организација, Ѓорѓи Миновски.
Македонија досега била домаќин на повеќе големи шаховски натпреварувања. Во Скопје во 1972 година се одржа Шаховската олимпијада (ШО), се играа турнирите „Средба на солидарноста“, поединечното Европско првенство (ЕП) во 2001 и во 2019 година, Европскиот клупски куп во Охрид во 2009 и 2021 и во Скопје во 2015 година. Потоа ЕП во забрзан и во брз шах во Скопје, СП во решавање и компонирање шаховски проблеми во Охрид, двете во 2018 година, потоа 12-от и 15-от двомеч СФРЈ – СССР (1969 година во Скопје и 1972 г. во Охрид), првиот меѓузонски турнир за жени (1971) во Охрид, 43-от Конгрес на ФИДЕ (1972) во Скопје, 16-та Балканијада (1984 година) во Струга, од 1984 година во Скопје почна да се одржува и традиционалниот „Опен Скопје“, ШО за слепи и слабовидни шахисти во 2017 година во Охрид…


МАКЕДОНИЈА, СОСТАВ ЗА СП 2022

ШАХИСТ РЕЈТИНГ
Жарко Селковски 1.996
Миле Чапанов 1.951
Зоран Костадиновски 1.914
Санде Атанасов 1.853
Блаже Атанасовски 1.775
Трајче Димов 1.691
Селектор: ВМ Трајко Недев