НАГРАДА ЗА ЗОРАН МИХАЈЛОВ ОД СВЕТСКАТА АТЛЕТИКА И ОД СВЕТСКАТА АСОЦИЈАЦИЈА НА СПОРТСКИТЕ НОВИНАРИ

Не знам, најтешко ми е кога треба да пишувам нешто за себе. Но по желба на колегите од „Нова Македонија“, која беше мојата прва новинарска куќа во далечната 1964 година, тоа го правам сега. Бев млад и амбициозен новинар, кога со неполни 20 години зачекорив во новинарството, кое, пак, за жал, ме раздели од мојата спортска љубов атлетиката. Тогаш многумина се зачудија, оти бев младински репрезентативец на поранешна Југославија и првак на Македонија на средните патеки и стипл, зошто одеднаш да ѝ кажам збогум на кралицата на спортовите. Сепак не можев комплетно да се откажам и уште две години трчав, најмногу за потребите на АК Работнички, за конечно по ЕП во крос во Инџија, кога Љубиша Трбоевски беше втор, а јас четврти во дресот на железничарската репрезентација на Југославија, да се збогувам со атлетиката. Утеха ми беше што барем како новинар, сепак, ќе бидам присутен во неа. Сега сигурно и читателите ќе сфатат, особено оние помладите, зошто толкава љубов кон атлетиката. По вокација сум атлетичар, но сум се занимавал и со други спортови. Такво беше тоа време, како млади секаде сакавме да бидеме присутни. Така, настапив и на „Мавровскиот меморијал“ во 1966 година, а четири години пред тоа од училишната клупа стигнав до младинската ракометна репрезентација, со која на Купот на републиките и покраините во Охрид го освоивме третото место. Значи не „долетав“ случајно во спортското новинарство. Напротив, имав и активно спортско минато.
Овој вовед претходи на она што е врзано со наградата. Некако не можам веднаш да тргнам на тоа, оти ми излегува како фалење. Ова и немаше да го напишам, ако тоа не беше иницијатива како што реков погоре на колегите од „Нова Македонија“, за која известувам не само од ова туку и од десетина други СП и ЕП. Имајќи ги предвид мојот ангажман и поддршката што ја давам, не само на македонската туку и на светската атлетика, бордот на Светската асоцијација на спортските новинари (АИПС) и на Светската атлетска федерација (СА) ми врачија награда за придонес за афирмацијата на атлетскиот спорт уште на СП во Лондон. Но овој пат сертификатот со потписите на Себастиан Коу и на Џани Мерло, првиот претседател на СА, а вториот на АИПС, е и по повод прославата на 40-годишнината од одржувањето на првото СП во 1983 година во Хелсинки. Таму и на следните две првенства не бев, но од Штутгарт во 1993 година, со исклучок на првенството во Јуџин, сум бил присутен на сите СП. Патот беше ваков: Штутгарт, Гетеборг, Атина, Севилја, Едмонтон, Париз, Хелсинки, Осака, Берлин, Даегу, Москва, Пекинг, Лондон, Доха и сега Будимпешта, рамно 15 првенства. И да биде појасно колку ја сакам атлетиката и не можам да се одделам од неа, потврдува и фактот што откако ја напуштив МТВ сите првенства ги финансирав од домашниот буџет. Евентуално некој некогаш сам ќе се јавеше да помогне, но тоа беше минорно. И овој пат, кога ми беше понудено од СА, само за да дојдам на свеченоста наречена „Ветераните на подиум“, тие да го финансираат моето доаѓање, ги одбив. Доволно ми е кога ќе се сретнеме на трибините со Коу, а во друштво има и други новинари, кога ќе каже „па луѓе овде има коментатор што ја коментираше мојата олимписка победа во Москва во 1980 година“. Истото го кажа и на пресот во Скопје, кога беше гостин на нашата Атлетска федерација, поголемо задоволство од тоа нема. Ете, сега веројатно на сите им стана јасно зошто еден ваков сертификат се најде во моите раце. Луѓето во светот знаат да го ценат она што си го вложил, па затоа ова признание ми е како да сум добил награда за животно дело. Па кога ќе кажам оти првите честитки стигнаа од Кубанецот Хавиер Сотомајор, светскиот рекордер во скок во височина, и од победникот на многу трки на долги патеки, Италијанецот Стефано Меи, тогаш навистина сум горд на самиот себе.