ДЕНЕСКА И УТРЕ ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ „50 ГОДИНИ ШК АЛКАЛОИД“
- Денеска, со почеток во 12 часот, ќе започне турнирот во брз шах во 13 кола, а утре во 10 часот и турнирот во забрзан шах во 11 кола
По повод петдеценискиот јубилеј од формирањето на шаховскиот клуб Алкалоид, денеска и утре во х. „Континентал“ во Скопје, во рамките на Шаховскиот фестивал на ШК Алкалоид како организатор, ќе бидат одржани два турнира, во брз и во забрзан шах, на кој се пријавени вкупно над 380 учесници.
Денеска, со почеток во 12 часот, прво ќе започне турнирот во брз шах (три минути, плус две секунди по играч), во 13 кола, на кој, на ден пред почетокот беа пријавени 163 учесници, од кои 11 шахистки (шест ВМ, еден ЖВМ, 11 ИМ, два ЖИМ, 15 ФМ, еден ЖФМ) од девет шаховски федерации (Македонија, Србија, Чешка, Украина, Данска, Албанија, Грција, Бугарија и Косово).
Прворангиран на турнирот е ИМ Дејан Стојановски (2.543 рејтинг-поени), втор е ВМ од Бугарија, Кирил Георгиев (2.534), а трет ИМ Филип Панчевски (2.508). Вкупниот награден фонд на овој турнир изнесува 130.000 денари, поделен на 10 дела, а победникот ќе биде побогат за 25.000 денари и ќе добие славенички пехар. Ќе има и шест специјални награди од по 3.000 денари.
Утре, пак, на распоредот е турнирот во забрзан шах (10 минути плус пет секунди по играч) во 11 кола, кој ќе започне во 10 часот. До вчера на него беа пријавени вкупно 220 учесници од кои 19 шахистки од 10 шаховски федерации, (како и во брзиот шах), плус Германија. Прв фаворит на турнирот е ВМ Кирил Георгиев (2.566), пред ИМ Ндерим Сарачи (2.499) од Косово и ИМ Дејан Стојановски (2.485).
Вкупниот награден фонд на вториот турнир изнесува 230.000 денари, поделен на 10 дела, од кои на победникот ќе му припаднат 50.000 денари плус пехар. Предвидени се и 12 специјални награди, од кои шест по 4.000 денари и шест по 2.000 денари. Главен судија и на двата турнири е македонскиот интернационалец Иван Кочовски. Г.И.
































