Шахот ја зголемува концентрацијата на одредена тема подолг период, ја зголемува таканаречената фотографска меморија… Достоинствени во победата и претворање на поразот во лекција. Шахот е игра каде што се укинуваат сите бариери и разлики, во него сите се еднакви, затоа и главното мото на шахистите е „Сите сме ист род“. Сепак, најважно за децата од прво и од второ одделение е што шахот ќе го учат преку забавна игра, интересни филмови, шаховски играчки, каде што ќе бидат вклучени двете хемисфери на човечкиот мозок, па, така, од една страна ќе се развива коефициентот на интелигенција, а од друга страна емоционалната интелигенција, вели истакнатиот шаховски тренер Орце Данчевски

ПО ОДЛУКАТА ЗА ВОВЕДУВАЊЕ НА ШАХОТ КАКО ИЗБОРЕН ПРЕДМЕТ ВО ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА

Од септември годинава шахот ќе биде на листата на изборни предмети во основните училишта во Македонија за децата од прво и од второ одделение. Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) соопшти дека Бирото за развој на образованието ја одобри нивната програма за шах во училиштата. Секако, одлуката прво ќе има позитивно влијание во градењето на децата пред сѐ како здрави личности со правилно размислување, а потоа шахот и шахистите ќе добијат најголема бенефиција.

ПРОЕКТ ШТО НУДИ ОГРОМНИ МОЖНОСТИ

– Придобивките од изучувањето шах се многубројни и долготрајни. Би ги споменал најважните. Прво ја зголемува концентрацијата, односно фокусот на одредена тема подолг временски период. Понатаму, ја зголемува таканаречената фотографска меморија, оти шахот е игра на слики. Разумот се движи од една до друга слика, односно позиција. Достоинствени во победата и претворање на поразот во лекција. Шахот е игра каде што се укинуваат сите бариери и разлики. Во него сите се еднакви, затоа и главното мото на шахистите е „Сите сме ист род“. Но, сепак, најважно за децата од прво и од второ одделение е што шахот ќе го учат преку забавна игра, интересни филмови, шаховски играчки, каде што ќе бидат вклучени двете хемисфери на човечкиот мозок, па, така, од една страна ќе се развива коефициентот на интелигенција, а од друга страна емоционалната интелигенција – вели истакнатиот шаховски тренер Орце Данчевски.
Сличен став по ова прашање има и секретарката на Управниот одбор (УО) на Шаховската федерација на Македонија, Александра Гакидова.
– Целта на проектот „Шах во школите“ не е да направиме од сите деца велемајстори, туку сите деца да се запознаат со основите на шахот и да развијат дополнителни вештини, кои токму шахот ги стимулира. Јасно ни е дека времето е многу кратко, а ни претстои многу работа за да се промовира целата идеја и да се привлечат што поголем број деца. Покрај емисии на ТВ, на кои веќе учествуваа претседателот и членови на УО на Шаховската федерација на Македонија, планираме да направиме и некои промотивни материјали за децата и за нивните родителите, но и да организираме средби со општините и директорите на училиштата – вели Гакидова.
И покрај очекувањето во обуката паралелно со наставниците да бидат вклучени и активни шахисти, сепак, засега тие не се во планот на овој почетен проект.
– Првата фаза од проектот е насочена само кон најмалите категории ученици. Тука мора наставата да ја водат само одделенските наставници. Кога овие деца ќе дојдат до четврто одделение, тогаш ќе почне втората фаза, каде што помошта од сите македонски врвни и активни шахисти би била многу потребна. А, дали ќе продолжиме во самите училишта или најдобрите деца ќе се насочат кон шаховските клубови и школи, ќе покаже и како сме ја одработиле првата фаза, односно отворањето на овој феноменален проект, кој нуди огромни можности за развој на шахот кај нас – вели Данчевски.
Се поставува прашањето како да се привлечат што повеќе основци да го засакаат шахот, односно кој ќе биде патот за нивна што поголема масовност?
– Во овој момент, Шаховската федерација на Македонија е насочена на изработка на едукативен и маркетиншки материјал и едукативен материјал, кој треба да се дистрибуира до сите основни училишта во државата, како и изработка на ТВ-реклами и слично. Потоа организирање семинари со многу позитивна енергија и обука на одделенските наставници што ќе го водат предметот од септември, а ќе се обратиме и до сите родители преку класичните медиуми, социјалните мрежи, печатените весници, за да ги запознаеме со сите бенефиции доколку нивното дете го одбере предметот шах како изборен предмет – пojaснува Данчевски.

ШАХОВСКИТЕ ЧАСОВИ НЕМА ДА БИДАТ ДОПОЛНИТЕЛЕН ТОВАР ЗА ДЕЦАТА

Данчевски е свесен дека патот до успехот во овој проект на Шаховската федерација на Македонија и на Министерството за образование и наука (МОН) нема да биде лесен, но, сепак, е оптимист во конечниот резултат.
– Оптимист сум и сите погледи сега се вперени кон Шаховската федерација на Македонија. Имаме голема шанса, а од нас зависи како ќе го одиграме сето ова. За да успее оваа програма, односно за да се формира паралелка за шах, треба да има најмалку 15 деца од едно училиште. Точно дека времето е многу кратко, а патот ќе биде многу тежок. Се соочуваме со застарени парадигми за шахот и ниска шаховска култура кај поголем број луѓе во Македонија. Затоа во овој момент се подготвува во Шаховската федерација на Македонија организирање семинари, подготвување едукативни материјали, посета на самите училишта од тимот обучувачи и сл. Се надевам дека ќе успееме да привлечеме што е можно поголем број деца да го изберат шахот како свој предмет – вели Данчевски.
Гакидова е свесна дека овој проект, како и обично, ќе предизвика поделени мислења во јавноста.
– Часовите не се конципирани да бидат дополнителен товар за децата, туку повеќе низ игра, тие да се запознаат со шахот и да го засакаат. Во Полска на сличен начин го имплементирале шахот во школите и обучувале наставници што не знаеле да играат шах и проектот засега е многу успешен. Нормално, доколку некое дете покаже особен интерес и талент, може да продолжи понатаму со поинтензивна работа во локалниот шаховски клуб. Сигурна сум дека имаме екипа што ќе даде сѐ од себе ова да успее. Шаховските работници ќе се вклучат во проектот во фазата на промоција кога ќе треба да се обучуваат наставниците. Самите часови мора да бидат одржувани од одделенски наставници веќе вработени во училиштето, затоа што таква е програмата. Сметам дека ако покажеме квалитет и сериозност уште од самиот почеток, тогаш во наредните години полесно ќе се допре до наставниците, родителите и до децата – нагласува Гакидова.
Познато е дека во многу други држави, особено оние што се и светски велесили, на ова поле се работи одамна, долгорочно и студиозно. Затоа имаат и толку голема шаховска масовност, како и многу силни велемајстори.
– Секако дека треба многу да се работи на афирмација и популаризирање на древната игра. Најдобар пример за ова се Узбекистан, Ерменија и Индија. Таков беше всушност и редоследот на првите три машки селекции на штотуку завршената Шаховска олимпијада во Ченаи, каде што шахот е присутен многу одамна и во голема мера е составен дел во школите, додека федерациите се буџетски и кадровски опремени на највисоко ниво. Ние почнуваме од септември, а каде ќе бидеме за 10 години, ќе видиме – рече Данчевски.


Програмата е едноставна, забавна и ќе претставува еден вид игра

Сакам особено да нагласам дека во Шаховската федерација на Македонија засега е планирано да има 15 обучувачи на одделенски наставници, кои ќе бидат поделени низ цела Македонија по региони и ќе одат по градови каде што ќе обучуваат одделенски наставници. Програмата е многу едноставна, забавна и ќе претставува еден вид игра, односно запознавање со шаховската табла, фигурите и нивното движење, вели Орце Данчевски.
Следува објавување на програмата.
– Наскоро ќе биде испечатена и јавно објавена програмата за сите да се запознаат со неа, и децата и родителите, за да нема забуни или недоверба. Во секое училиште веќе постои памета шаховска табла, електронски светла, ќе се прикажуваат цртани филмови на оваа тема и слично. Дури по две години ќе видиме дали овие деца што го избрале шахот ќе продолжат и понатаму во четврто и во петто одделение. Ако има, дури тогаш ќе има и многу работа за сите активни шахисти. Она што е важно е фактот што првпат влегуваме на голема врата со овој проект. Во школите одиме не сами, па да молиме, туку преку претседателот на Шаховската федерација на Македонија, а се вклучени и градоначалниците на општините, кои, пак, ги запознаваат директорите на училиштата со целиот проект и со неговите придобивки. Во школите каде што ќе има интерес од најмалку 15 деца заедно во прво и во второ одделение, ќе има по еден час неделно настава по шах. Важно е да се нагласи дека сега овој проект не е класичен шах, ова е всушност образование, развој за подобро изградена личност на децата, а понатаму шахот и шахистите ќе добијат најмногу. Ако годинава има околу 15.000 првоодделенци, тогаш, зборувам според законот на веројатноста, во просек едно дете во секој клас од по 30 деца е скриен талент. Ако 15.000 деца се поделат на 30 што се во еден клас, тоа значи дека има околу 500 деца што се потенцијални таленти. Ако тие во иднина активно почнат да тренираат и да играат шах, е дури тогаш ќе бидат полни и шаховските школи и клубовите со шахисти – вели Данчевски.

[email protected]