СКИЈАЧКИ СКОКОВИ
- Превц ги забележа 11-та победа и 17-от подиум од 20 натпревари сезонава и води во Светскиот куп со 625 поени предност, во сезоната во која победи и на СП во скијачки летови и на престижната новогодишна турнеја Четири скокалници. „Тоа е резултат на напорна работа во претходните неколку сезони. Особено сезонава мојот секојдневен живот беше фокусиран на тоа да направам нешто што ќе ме направи подобар, што ќе направи да успеам. Затоа мислам дека ако работите постојано секој ден, резултатите ќе дојдат, без разлика на сѐ“, рече Превц
Домен Превц (Словенија) ја потврди својата доминација со четвртата последователна победа во Светскиот куп (СК) во скијачки скокови, по натпреварите викендов во Вилинген (Германија). Тоа беа последни натпревари во Светскиот куп (СК) пред Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо, кои треба да почнат в петок. Превц во втората серија во неделата оствари скок од 152,5 метри и победи со вкупно 31,7 поени пред Рен Никаидо (Јапонија) на второто место. Домашните гледачи исто така го прославија вториот последователен подиум, бидејќи Филип Рајмунд (Германија) беше трет.
– Само сакам многу да се забавувам, а денес условите беа на моја страна. Утрово се чувствував навистина добро иако беше долг викенд. Супер сум среќен што работите се склопуваат во вистинско време. Тоа е резултат на напорна работа во претходните неколку сезони. Особено сезонава мојот секојдневен живот беше фокусиран на тоа да направам нешто што ќе ме направи подобар, што ќе направи да успеам. Затоа мислам дека ако работите постојано секој ден, резултатите ќе дојдат, без разлика на сѐ – рече Превц, пренесе Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
Победата во Вилинген е негова 11. победа во Светскиот куп и 17. подиум сезонава од 20 натпревари (вкупно 11 победи, четири втори места и две трети), заедно со победите на Светското првенство во скијачки летови и на престижната новогодишна турнеја Четири скокалници. Неговото водство во пласманот за Кристалниот глобус во Светскиот куп сега е 625 поени, откако второпласираниот во генералниот пласман Рјоју Кобајаши (Јапонија) беше на 18-то место во неделата во Вилинген. Фокусот сега е насочен кон ЗОИ 2026 и потенцијалната прва олимписка титула, пишува ФИС.
– Секако дека има притисок на олимписки игри, но мислам дека таму ќе биде многу забавно и навистина се радувам на тоа како мои први игри. Без разлика што ќе се случи, сепак ќе бидам среќен на крајот од сезоната. Ќе одам, секако, фокусиран, но најмногу ќе одам таму за да уживам во Олимписките игри, да се забавувам што е можно повеќе и да приредам претстава за сите гледачи. Се надевам дека ние (со сестра ми Ника) ќе можеме заедно да постигнеме нешто посебно – рече Превц, пренесе ФИС. Н.М.
































