Ѓошевска беше една од најмаркантните личности во македонската женска атлетика во 70-тите години од минатиот век. Таа освои повеќе титули првак на Македонија, а беше редовна учесничка во финалните трки на Купот на поранешна Југославија

Божурка Ѓошевска (1)

Женската атлетика во Македонија своите почетоци ги имаше уште во првите години по Втората светска војна. Во тој период на сцената се појавија неколку девојки, кои со своите резултати го привлекоа вниманието и ги поставија првите македонски атлетски рекорди. Сепак, во плејадата атлетичарки, меѓу кои имаше девојки што почнаа да тренираат од љубопитност да видат за каков спорт станува збор, но имаше и такви што посериозно зачекорија на атлетската сцена. Една од тие што се доближија дури и до врвните југословенски постигнувања во тоа време беше професорката Бистрица Крањец- Миркуловска. Таа беше сестрана атлетичарка и прва македонска шампионка и рекордерка во повеќе дисциплини. Тука беше и Љубица Алексиева, исто така професорка, инаку ќерка на познатиот резбар Нестор, која, пак, покрај атлетиката, се занимаваше и со други спортови, но најмногу со ракометот. Покрај нив на сцена се појавија и други девојки, но нивната кариера беше од краток „век“. Тие или се откажуваа или почнуваа да се занимаваат со други спортови, од кои, барем во тоа време, најпривлечни им беа гимнастиката и ракометот.

Од училишните клупи на атлетската патека

Интересно е дека кога девојките почнаа да се вклучуваат во кралицата на спортовите, тоа беше повеќе спонтано отколку организирано. Може да се каже оти еден посериозен пристап кон овој спорт имаше во 50-тите години, кога се филтрираа и првите тренерски кадри. Повеќе македонски спортисти заминуваа на школување во Белград на популарниот ДИФ (денешен Факултет за спорт и здравје), па откако ги завршуваа студиите се враќаа во својата средина и како тренери им ги пренесуваа своите знаења на помладите. Еден од тие што беа вклучени исклучиво во атлетиката беше и тогашниот рекордер на Македонија на 100 метри Чедо Шаревски. Неговата појава беше од големо значење за македонската атлетика и може да се каже оти тој и сестраниот спортист и професор Славко Матовски беа првите што почнаа да ги анимираат младите да дојдат токму во атлетиката. Потоа, Шаревски стана препознатлив и по тоа што како професор во Средното фискултурно училиште на атлетските натпревари знаеше да доведе и цели паралелки од училиштето. Сите тие беа зачленувани во АК Работнички, клуб од кој потекнуваше и самиот Шаревски. Затоа, во шега, оние што ќе дојдеа да ги следат атлетските натпревари на Градскиот стадион во Скопје, кој во тоа време беше единствен спортски објект на кој можеше да се реализира комплетната програма од атлетските првенства на Македонија, ќе речеа: „Чедо го донел цело училиште за да го засили АК Работнички“. И навистина беше така. Повеќе од 50, некогаш и повеќе ученици од Средното фискултурно училиште ќе продефилираа на атлетските борилишта и ќе му донесеа драгоцени бодови на клубот на „железничарите“ за освојувањето на екипната титула првак на Македонија.
Ова е вистина, такво беше тоа време. Но треба да се спомене и фактот оти голем број од тие ученици потоа ќе се загрееја за атлетиката и ќе почнеа активно да се занимаваат со овој спорт. Меѓу оние што во тоа време постигнаа солидни резултати беше и подоцнежната шампионка на Југославија во крос, Елица Змејкова Созовска. Токму таа беше првата атлетска sвезда во 60-тите години. Бранејќи ги боите на поранешната држава на Балканскиот крос во Истанбул, во 1963 година, таа го освои шестото место, резултат со кој беше најдобропласирана југословенска натпреварувачка. Во нејзино време имаше уште неколку атлетичарки, меѓу кои беше и Нада Павлова, која како да беше создадена за спринтерските дисциплини. Потоа доаѓаа и други девојки. Едни остануваа, други се откажуваа или заминуваа во други спортови. Меѓу оние што ѝ останаа верни на „кралицата“ беше и Божурка Ѓошевска. Токму нејзе ѝ е посветена следната приказна, во која зборува за своите натпреварувачки, потоа тренерски, но и професорски денови.

Тренерот Ангеловски ни беше како родител

Многу е битно во почетокот на кариерата младиот спортист да биде пречекан во клубот од вистински тренер. А, Божурка ја имаше таа среќа што кога дојде во АК Работнички веднаш „налета“ на Душан (Душко) Ангеловски, дипломиран дифовец и тренер вооружен со многу знаење. Тој, со оглед на тоа што по завршувањето на Факултетот за физичка култура во Белград неколку години работеше како тренер во АК Железничар во Инџија, се стекна со потребното искуство, па кога во договор со АК Работнички дојде во Скопје, тој веќе го имаше испечено тренерскиот занает. Инаку, во Инџија тој им беше тренер на неколку атлетичари што постигнуваа добри резултати, не само на југословенско туку и на меѓународно ниво. Ова особено се однесува за маратонецот Вујаклија, кој неколку години беше меѓу најдобрите тркачи на Балканот на најдолгата патека.
– Ми беше чест што кога почнав да тренирам, прв тренер ми беше токму популарниот Дуле. Тој не само што беше максимално упатен во тренажниот процес туку беше личност што кон нас се однесуваше како родител. Со него, со оглед на тоа што беше и духовит човек, лесно ни одеа дури и најнапорните тренинзи, па дури и оние кога требаше да истрчаме по 6-7 километри, а во меѓувреме да ги направиме неопходните вежби и оние вообичаени забрзувања за кревање на брзината. Доаѓањето на тренинг ми стана секојдневие. Уште по првите тренинзи почувствував оти сум го избрала вистинскиот спорт, а за тоа каков резултат ќе постигнам не можев да прогнозирам, оставав времето да го покаже тоа. Кога почнав да учествувам на трките, доволни ми беа зборовите на охрабрување од тренерот. Тој често знаеше да каже, биди внимателна, не форсирај без потреба, адаптирај се на ритамот на поискусните натпреварувачки и сѐ ќе биде во ред. Впрочем, ова беше и дел од тактиката, како да се однесувам во текот на трката. Така, на пример, во првиот старт на еден крос, постојано во главата ми одекнуваа зборовите на тренерот и си помислив, кога тој ми даде шанса да стартувам на еден официјален натпревар, зошто да не ги оправдам неговите очекувања. На мое и на негово задоволство бев победничка во тоа мое деби и веќе сѐ беше јасно, атлетиката ќе биде мојот спорт, кој ќе ја исполнува мојата младост – вели Божурка Ѓошевска.
Ѓошевска со своите другарки, предводена од тренерот Ангеловски, сериозно зачекори на атлетската патека. Се редеа победи, а беа освоени и првите републички титули, прво во крос, а потоа и во трките на патека.

Меѓу првите „ластовички“ во АК Скопје

Да се работи како тренер во атлетиката е многу тешко, а да се живее од неа е уште потешко. Финансиите секогаш се проблем и од нив често зависи не само судбината на тренерот и атлетичарите туку и судбината на клубот. Трагајќи по нешто постабилно во тоа време, во почетокот од 70-тите години, Душан Ангеловски го напушта Работнички и се пресели во новоформираниот клуб АК Скопје, кој функционираше во рамките на познатото Младинско спортско друштво од Автокоманда.
– Ја сменив клупската боја најмногу поради тренерот. Откако Ангеловски замина, речиси истовремено го напуштив Работнички и дојдов во Скопје. Клубот беше новоформиран, па сакав на некој начин да дадам придонес за неговото стабилизирање, зашто веќе бев етаблирана во македонската атлетика. Во исто време во АК Скопје дојде и Марија Тучај, потоа Зорица Ивкова и Соња Ангеловска. Може да се каже дека практично ние бевме оние главните на кои се надградуваше клубот. Сите во наредниот период станавме и шампионки на Македонија во своите дисциплини и многу придонесовме, иако нов клуб, Скопје да се афирмира во светот на атлетиката не само во Македонија туку и на ниво на поранешна Југославија. Ова го велам од едноставна причина што речиси секоја година бевме учеснички во финалето на Купот на поранешната држава, на кое во секоја дисциплина настапуваа по 12 најдобри атлетичари од целата држава. Навистина беше тешко да се постигнат резултати што ќе го отворат патот за финалето, зашто атлетиката во 20-милионската држава имаше многу приврзаници. Некогаш, иако со судни маки, сепак, успевав да се пласирам во дванаесетката и да учествувам во финалето на југословенскиот куп. Особено бев успешна на 800 метри, делница на која за тоа време имав одличен резултат, кој беше и македонски рекорд, 2:19 минути – вели Ѓошевска.
Ѓошевска во 70-тите години имаше голема помош од тогаш најбрзата Македонка Вера Велјановска, која молскавично се појави на патеката и веднаш стана репрезентативка на Југославија на 100 и 200 м и во штафетата 4х100 м.
– Со Верче, која заедно со Јелица Павличиќ од Карловац беа најбрзи Југословенки, често разговарав и ги прифаќав нејзините совети. Таа многу ми помогна околу најразлични тактичко-технички моменти, битни не само во текот на трката туку и на тренинзите. Со неа станавме големи пријателки, па и денес често се слушаме и споделуваме некои искуства. Сето тоа ми е од корист, особено во работата со помладите атлетичари, а и за реализацијата на самата настава по атлетика во Училиштето за физичка култура во Скопје, во кое бев вработена до неодамнешното пензионирање – вели таа.
Идната недела ќе прочитате уште нешто од атлетската кариера на Божурка Ѓошевска, која како тренерка беше учесничка и на Летните олимписки игри во Сиднеј во 2000 година.


Божурка Ѓошевска

Родена: во 1959 година во Скопје
Кариера: АК Работнички и АК Скопје, репрезентација на Македонија
Успеси: Повеќекратна шампионка на Македонија во крос, потоа на 1.500 и на 800 метри (дисциплина во која беше и рекордерка), учесничка на една Балканијада, а како тренерка и на едни ЛОИ, во Сиднеј во 2000 година