Имам многу победи што ми се особено драги и на кои се сеќавам, но ако треба да се определам за некоја, би ја издвоил победата против грчкиот ВМ Јоанис Папајоану во мечот Грција – Македонија (1,5-2,5), на ЕП на Крит во 2007 година

ИНТЕРВЈУ – ЗВОНКО СТАНОЈОСКИ, ШАХОВСКИ ВЕЛЕМАЈСТОР, ШАМПИОН НА МАКЕДОНИЈА ЗА 2023 ГОДИНА

Истакнатиот македонски велемајстор (ВМ) Звонко Станојоски, член на ШК Алкалоид од 2002 година, учесник на девет шаховски олимпијади (ШО) и на шест европски првенства (ЕП), на неодамнешното Поединечно првенство на Македонија го подигна победничкиот пехар. Роден во Прилеп 1964 година, каде што и живее, титулата велемајстор ја освоил во 2004 година. Досега ги бранел боите на шаховските клубови Тутунски комбинат, Мермерен комбинат – Прилеп, Еуроинвест 11 Октомври, сите од Прилеп, како и Стефо Балто од Струга. Повеќекратниот првак на Македонија триумфирал и на повеќе домашни и меѓународни турнири со класично и забрзано темпо на размислување, со што остави длабоки траги во македонскиот шах.

Што претставува за вас последниот успех, сениорски шампион на Македонија за 2023 година?
– Пред сѐ задоволство од освоената титула. И пред почетокот на првенството бев еден од фаворитите за освојување на првото место. Посакував да го освојам шампионатот и сега сум среќен што успеав. Патем, да потсетам и на некои мои резултати на првенствата на Македонија во последните години. Така, во 2015 бев шампион, во 2013 вицепрвак, во 2016 и 2018 на делба на првото место (втор според бухолц), во 2019 година прв…
Зошто шах, на колку години почнавте и кој беше главниот „виновник“?
– Долга приказна. Затоа што ја засакав играта, ме привлекува, ми прави задоволство и ме исполнува кога играм. Прв виновник е татко ми, кој го гледав како игра шах со вујко ми кога бев мал, а подоцна на околу осум години и децата од зградата каде што живеевме и со кои играв шах, меѓу кои беше и интернационалниот мајстор Никола Димовски.
Како би ја дефинирале играта на „64 полиња“?
– Спорт, уметност, наука, зараза.
Кои новитети треба да се воведат во шахот за да биде тој уште подинамичен и поинтересен за гледачите?
– Мислам дека шахот доби на популарност во време на ковид-кризата кога почна многу да се игра на интернет и затоа токму таму ја гледам неговата иднина и поголема масовност.
На последната ШО повторно бевте во македонската репрезентација. Сметате ли дека претходно неоправдано бевте изоставен од националниот состав?
– Да, сметам дека бев неоправдано изоставен од репрезентацијата.
Какво беше чувството да се игра против, сега веќе поранешниот светски првак Магнус Карлсен на ШО во Индија, лани. Партијата траеше долго, отпорот достоен. Постоеше ли страв да се биде спроти една таква шаховска величина?
– Страв немаше. Пред партијата бев многу возбуден што ќе играм против светски првак, а за време на партијата постоеја инспирација и мотивација што подобро да се одигра партијата и достојно да се спротивставам.
Која партија би ја издвоиле како најдрага во вашата досегашна богата шаховска кариера?
– Имам многу победи што ми се особено драги и на кои се сеќавам, но ако треба да се определам за некоја, би ја издвоил победата против грчкиот ВМ Јоанис Папајоану во мечот Грција – Македонија (1,5-2,5), на Европското првенство на Крит во 2007 година.
Според вас, кој е најсилниот шахист на сите времиња?
– Норвежанецот Магнус Карлсен.
Вие сте и тренер на млади шахисти, дали имаме таленти и колку деца тренирате?
– Да, дел сум од системот на шаховски школи на ШК Алкалоид, плус им давам и онлајн часови на деца. Бројот на децата е променлив.
Што треба да се стори за Македонија да има повеќе шахисти со велемајсторска титула?
– Потребно е што поголема масовност ако сакаме квалитет. Можеби со воведување на шахот во училиштата тоа ќе подобри. Сепак, ќе треба и младите да вложат малку повеќе во шахот ако сакаат да напредуваат.


Колекционер на турнирски победи

Станојоски во својата богата играчка кариера може да се пофали со многу турнирски победи, кои ги одиграл во домашни и во странски шаховски арени.
– Победник сум на повеќе меѓународни турнири, од кои најдраги ми се победите на меѓународното отворено првенство на Белград „Трофеј Белград“ во 2006 и 2007 година. Понатаму би ги спомнал и триумфите на турнирите: Опен Вардарис во Солун 2016 и Опен Приштина 2022. Го имам поделено првото место на турнирите: Опен Скопје 1998 и 2011, Опен Хестингс (Англија) 2001/2002, Опен Пула 2003, меморијалот „Георги Трингов“ во Пловдив (Бугарија) 2009, Опен Параќин (Србија) 2009, Опен Тиват (Црна Гора) 2011, Опен Пелион (Грција) 2018… Имам и многу втори и трети места на меѓународни турнири од 1986 година, кога ги освоив и првите рејтинг-поени, па сѐ до денеска. Сум триумфирал и на многу турнири со забрзано темпо во Македонија и во околните балкански земји – вели Станојоски, кој се карактеризира со комбинаторен стил на игра, но и многу упорен борец, секогаш подготвен да го најде победничкиот пат до противничкиот крал.

[email protected]