Фото: Маја Јаневска-Илиева

Норвешките шаховски ентузијасти Аскилд Брин и Один Бликра Веа играа 61 час, три минути и 34 секунди

По интензивен 61-часовен маратон во забрзан шах (пет минути за цела партија по играч), норвешките шаховски ентузијасти Аскилд Брин и Один Бликра Веа поставија нов светски рекорд за најдолг шаховски маратон и со тоа влегоа во Гинисовата книга на рекорди. Со неверојатна издржливост и ментална цврстина и по одиграни вкупно 383 петминутни партии, рекордот официјално беше остварен во Ставангер (Норвешка). Сега тој изнесува 61 час, три минути и 34 секунди. Секој потег од мечот беше пренесуван во живо од популарната шаховска интернет-страница „Чес“.
– Немавме сериозни сомнежи дека нема да успееме, но некако се мачевме. Нашата мотивација беше врвна, но не беше лесно. Беше многу потешко отколку што мислевме, но ако дојдовме до последниот ден, знаевме дека нема да запреме – рече Бликра Веа, а Брин дополни: Никогаш не се сомневав дека Один ќе рече „Се откажувам, не сакам повеќе да го правам ова“. Мислам дека тој го чувствуваше истото тоа за мене.
На играчите им беа дозволени паузи од пет минути на изминат час, кои можеа да ги акумулираат до 30 минути на секои шест часа. Брин и Бликра Веа ги искористија овие можности за да дремнат и со тоа да ја одржат свежината на маратонскиот меч. Брин (2.129 поени во забрзан шах) и Бликра Веа (2.123) се водители на популарниот норвешки шаховски поткаст „Шаховски разговор“, каде што често како гостин го имаат својот близок пријател, велемајсторот Магнус Карлсен. Поранешниот светски првак, пак, редовно ги посетуваше во текот на остварувањето на рекордот, пишува „Чес“.
– Навистина сум горд на нив. Искрено се сомневав дали ќе успеат, но тие секогаш беа многу сериозни и се подготвуваа многу добро. Импресиониран сум од нивниот напор во обидот да одиграат добро. Знам дека тоа беше последна партија, но и таа беше доста добро одиграна, а мечот во целина многу импресивен – рече Карлсен.

Нивниот меч по 383 одиграни партии заврши со победа на Брин со 208-175, од кои 52 партии завршија со реми, меѓу кои и последната, и тоа со нивоа на прецизност од 71,9 и 70,1, што не е лошо за шахисти што биле будни 61 час.
Поранешниот рекорд за најдолг шаховски маратон го држеа Норвежаните, ФИДЕ-мајсторот Сјур Феркингштад и Халвард Хауг Флатебо, кои играа 56 часа и девет минути во Хаугесунд (Норвешка) во 2018 година. Нигериската шахистка Тунде Онакоја ја надмина таа бројка на „Тајмс Сквер“ во Њујорк во април, играјќи 60 часа, но Гинисовата книга на рекорди уште не го одобри тој рекорд, пишува „Чес“.Двајцата Норвежани го искористија обидот и како можност да соберат средства за добротворни цели и досега се собрани вкупно 6.600 долари. Мечот се играше според строгите упатства (ФИДЕ) за ваков шах, како што се стандардна шаховска гарнитура, веднаш почнување нова партија откако ќе заврши претходната, почитување на духот на шаховските правила, нема долги дискусии по секоја партија за да се одмораат шахистите…
Идејата за поставување нов рекорд се појавила пред една година. Подготовката опфатила еден меч што траел 28 часа и неколку маратонски блиц-меча со повеќе од 40 партии. Сите оброци, одмори и дремки беа внимателно испланирани за да се зголеми ефектот. Тие често добиваа масажи и имаа тим да им ги провери пулсот, крвниот притисок и нивото на кислород. Вкупно 22 сведоци, со најмалку двајца постојано присутни, го надгледуваа обидот, пишува „Чес“. Г.И.