Дмитриј Андрејкин – Аниш Гири и Ричард Рапорт – Максим Вашер-Леграв се полуфиналните двојки на вториот турнир од гранпри-серијата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), за пласман на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак, во Белград. Во 6. коло во групата А, Андрејкин со жртва на кралица го победи Етјен Бакро и го освои првото место. Во групата Б, доволно му беше и реми на Гири на мечот со Никита Витјугов за челната позиција. Од групата Ц, Рапорт со брзо реми против Алексеј Широв остана на врвот, а во групата Д, Вашер-Леграв ремизира со Шахријар Мамеѓаров, што беше доволно за пласман во полуфиналето. Третиот и последен турнир од оваа серија, како и првиот, ќе се игра во Берлин (од 21 март до 14 април). Првите двајца од целата гранпри-серија ќе се квалификуваат за Турнирот на кандидатите, а победникот ќе го предизвика светскиот првак Магнус Карлсен во 2023 година. Досега пласман на Турнирот на кандидатите обезбедија Јан Непомнијашчи, Тимур Раџабов, Јан Кшиштоф-Дуда, Сергеј Карјакин, Алиреза Фирузја и Фабијано Каруана.