ШАХ

Велемајсторот (ВМ) од Индија Арџун Еригаиси се пласира во четврт-финалето на Светскиот куп (СК) за 2025 година, откако во одлична завршница го победи искусниот Американец Левон Аронијан (2.728). Еригаиси (2.769 рејтинг-поени, рангиран втор пред почетокот на СК) ќе игра со седмиот носител, Кинезот Веи Ји (2.753), кој ја казни раната грешка на Американецот Семуел Севијан (2.701). Ним им се придружија уште Узбекистанците Нодирбек Јакубоев (2.689) и Јавохир Синдаров (2.728), кои ги победија Ерменецот Габриел Саргисјан (2.616), односно Германецот Фредерик Сване (2.640).

Четири места ќе бидат решени со дополнителни партии, по трите мирни ремија и големиот пропуст за победа на Германецот Александар Донченко (2.641) на дуелот со Виетнамецот Лием Ле (2.729). Меѓу себе играат и Мексиканецот Хосе Мартинез (2.644) – Индиецот Пентала Харикришна (2.690), како и Андреј Есипенко (2.681) – Алексеј Гренбев (2.617) од Русија.

Светскиот куп 2025, кој се одржува до 26 ноември во Гоа (Индија), одредува три места на Турнирот на кандидатите (ФИДЕ) за светски првак, кој ќе се одржи во 2026 година. Се игра според нокаут-систем со две класични партии, проследени со забрзани и брзи мечеви доколку е потребно, со учество на вкупно 206 играчи во осум кола. Наградниот фонд е два милиона долари. Г.И.