Почетокот на 109-от Тур де Франс е денеска, во Копенхаген, а целта на 24 јули на Елисејските полиња во Париз. Вкупно 176 велосипедисти од 22-та тима во 21 етапа ќе треба да извозат 3.350 км

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Со првата етапа на хронометар од 13 км во Копенхаген (Данска), денеска почнува 109-то издание на најпознатата велосипедска трка на светот, Тур де Франс. Трката досега 23 пати почнувала надвор од Франција, а Холандија била најчестата почетна точка, шест пати. Целта секогаш била во Париз, а на Елисејските полиња 47 пати. Вкупно 176 велосипедисти од 22-та тима во 21 етапа ќе треба да извозат 3.350 км.
По трите етапи во Данска, велосипедистите в понеделник ќе се преселат во Франција, каде што некои етапи ќе се возат и на стари патишта со калдрма, кои можат да бидат решавачки, како во 2018 година, кога Герент Томас на една слична етапа направи предност од 90 секунди пред клучните ривали и победи на Тур. Потоа ќе следуваат етапите на Алпите, вклучувајќи го и епското искачување на легендарниот Алп д’Уез, и на Пиринеите, каде што е еднакво тешкиот Хаутакам, кои би требало да го дадат вкупниот победник.
Ако планините не го дадат одговорот, ќе следува претпоследната етапа на хронометар од 40,7 км, слично како во 2020 година, на која победи Тадеј Погачар, пред сонародникот Примож Роглич. Оттогаш Погачар (23) е сѐ подобар, лани ја одбрани титулата, годинава веќе победи на три трки и го сметаат за прв фаворит. Сите се согласни дека Погачар е најдобриот велосипедист во моментов, како и дека холандскиот тим Јумбо-Визма е еден од најсилните, на чело со Роглич и со Јонас Вингегард, кој лани беше втор на Тур, на кои ќе им помагаат дузина врвни возачи.


Некои факти за Тур де Франс

Првата трка е возена во 1903 година, а најдолгото растојание е 5.745 км, во 1926 година. Планинските етапи се воведени во 1910-та, а жолтата маичка е промовирана во 1919 година, за да се препознава лидерот на трката. Најмалата победничка разлика изнесува осум секунди, помеѓу Американецот Грег Лемонд и Французинот Лорен Фињон во 1989 година. Најмалку велосипедисти што го завршиле Тур де Франс е 10, во 1919-та. Четворица имаат по пет победи на Тур, Французите Жак Анкетил (1957, 1961, 1962, 1963 и 1964) и Бернар Ино (1978,1979, 1981, 1982 и 1985-та), Белгиецот Еди Меркс (1969, 1970, 1971, 1972 и 1974) и Шпанецот Мигел Индураин (од 1991 до 1995-та). Меркс има најмногу етапни победи, 34, и е со најмногу денови возени со жолтата маичка, 111.


Се очекуваат 10 милиони гледачи

Се очекува велосипедската трка Тур де Франс да привлече повеќе од 10 милиони гледачи покрај патиштата низ Франција. Организаторите објавија дека за редот ќе се грижат 29.000 полицајци и пожарникари, но и апелираат до гледачите да бидат внимателни, да стојат на своите места, да не истрчуваат пред велосипедистите за да не се повтори ланскиот инцидент, кога повеќемина возачи беа повредени при падот што го предизвика една невнимателна гледачка, која поради тоа беше казнета со четири месеци затвор и 1.000 евра. Л.Д.