Фото: ЕПА

Подготовката на патеката за скијачката сезона обично почнува во средината на ноември, со технички снег, во подготовката се важни и скијачите рекреативци, временските услови и природата на сите снежни врнежи се клучни за одредување на точниот тек на дејствување што треба да се преземе во пресрет на трка, а за одлична тркачка патека важна може да биде и солта, пишува ФИС, во пресрет на утрешниот почеток на СП 2025 во алпско скијање во австрискиот Залбах

Подготовка на совршена патека за
Светското првенство во алпско скијање

Меѓу најважните нешта за секое Светско скијачко првенство е состојбата на теренот за настап, а во алпското скијање треба да издржи голем број трки по ред и да обезбеди фер конкуренција, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Залбах (Австрија) се подготвува од утре да биде домаќин на Светското првенство (СП) во алпско скијање, откако успешно го одржа ланското финале на Светскиот куп (СК) и покрај значајните предизвици поврзани со временските услови. Спортскиот координатор на СП 2025, Улрих Хохкоглер, вели дека неговиот тим е на пат да има патеки во совршена форма.
– Имавме добар снег во декември, така што имаме добро чувство. Добро оди и се надевам дека ќе продолжи – вели Хохкоглер, пренесе ФИС.

ЛОШ ТЕХНИЧКИ СНЕГ ЗА ДОБРА ТРКАЧКА ПАТЕКА

Подготовката на патеката за скијачката сезона обично почнува во средината на ноември, во зависност од временските услови, со примена на технички снег. Но не секој технички снег…
– Звучи чудно, но произведуваме многу лош технички снег. Тоа е многу влажен снег и го правиме тоа затоа што ако има многу вода во падината, секогаш има повеќе опции. Повеќе вода значи помалку воздух, па патеката станува покомпактна. И тогаш имате цврста основа на која потоа можете да почнете пофини подготовки – рече Хохкоглер.
Залбах треба да ја балансира својата желба да подготви совршени услови за трки со финансиската зависност од рекреативците, пишува ФИС. Додека на пошироката јавност ѝ е забрането да скија на натпреварувачките падини една недела пред почетокот на трката, за да се овозможат специфични подготовки и поставување безбедносна ограда, нивното присуство, всушност, може да помогне за подготовка на основата на патеките.
– Нормално, ако имаме СП, произведуваме околу еден до еден и пол метар снежна покривка. И скијачите рекреативци се корисни за тркачките патеки во претходните месеци, бидејќи и тие ја компресираат снежната основа. Значи, тоа е добро и за нас и за сите скијачи. На таа база можете да организирате трки од Европскиот куп или ФИС-трки. Неколкупати во претходните години бевме уфрлени за да одржиме трки од СК. Имаме простор за брзински тренинзи кој го користат австриската репрезентација и други. И тогаш требаат само две студени ноќи за фино нагодување. Имаме големи прскалки, такви што се користат во земјоделството, ако ни треба вода за поледени услови. Сепак, не постои само еден рецепт. Секогаш треба да го гледате времето, каква е прогнозата, колку дожд и снег имате. Понекогаш дождот е многу добар затоа што тогаш имате повеќе вода во внатрешноста на патеката за таа да биде покомпактна. Но целта не е да имаме целосно ледена падина. Сакаме да имаме добра, компактна, цврста патека каде што ќе има фер трки за сите скијачи – вели Хохкоглер.
Како и временските услови, природата на сите снежни врнежи е клучна за одредување на точниот тек на дејствување што треба да се преземе во пресрет на трката. За среќа, има локална експертиза во изобилство со тимовите на татковци и синови, Мануел и Хари Генсбихлер и Фриц Штегер и Фриц Штегер Јуниор, кои играат клучни улоги во одржувањето на падините.
– Ако има снежни врнежи можеби две недели пред тоа, ќе го преместиме снегот надвор од патеката. Во спротивно, новиот снег ќе ја изолира добрата основа и ќе омекне, што не е добро за нас. Ако новиот снег е многу влажен, можеби е подобро да се подготви врз основата за да им се овозможи на тие слоеви да се поврзат. Секогаш зависи од состојбата на новиот снег. Генсбихлер и Штегер се во скијачкиот клуб, а имаме поголем тим од 10-15 луѓе што ќе помогне во подготовка за која вообичаено не ни треба нов снег. Имаме голема помош и од компанијата за жичници во Залбах-Хинтерглем, ни обезбедуваат ратраци и возачи онолку долго колку што ни се потребни – вели Хохкоглер.

Како глобалното затоплување влијае на подготовката на падините

Климатските промени имаа големо влијание врз скијачките центри во претходните години, а организаторите сметаат и дека подготовката е потешка поради поблагите временски услови.
– Пред 40 години можевте да бидете сигурни во температури под нулата за цела зима. Сега, ако немате среќа, може да имате две многу топли недели со температури над нулата дури и во февруари, па мора да ги пресметате овие работи. Од средината на декември, нормално, имате количество снег што ви треба за трките. Секоја вечер се подготвуваме со ратраците, а во текот на денот на патеките се скијачите рекреативци, кои имаат добри услови, не премногу ледени, па имаме мешавина што ги одржува сите задоволни – вели Хохкоглер.
Во пресрет на ланското финале на СК, топлата зима ја отежна работата на тимот од Залбах. Сепак, со голема работа успеаја да постигнат добри услови за трки, како и да ја одржат патеката отворена за рекреативците.
– Не знаевме што ќе направи патеката. Три недели пред трките, разговаравме: Што можеме да направиме ако нивото на снегот е премногу ниско и немаме доволно? Како можеме да управуваме со јавното скијање и со трките? Целта ни беше да бидеме отворени и за скијачите рекреативци, не само затоа што гледачите покрај патеката ни изгледаат добро на фотографиите за скијачките брошури. Имавме доволно снег на тркачките патеки, но на јавните падини понекогаш беше многу предизвикувачки, бидејќи температурите во текот на ноќта не беа добри. Ратраците подготвија сѐ, но слојот одозгора не замрзна, па по можеби првите 100 или 200 луѓе сте имале патека за могул. Беше предизвик за нашите гости, но направивме сѐ што можевме. Топлото време за спустот беше предизвик за нас. Понекогаш моравме да користиме дополнителна вода. Сега имаме околу 140 снежни топа, па ако, да речеме, свиокот 15 станува мек, можеме да ја вклучиме водата. И моравме да користиме сол, малку погуста од нормалната сол. Совршено е за подготовка на падината. Ако ставите премногу сол, тогаш снегот ќе стане „глув“, бидејќи повеќе нема да се стврдне. Но, ако имате соодветно количество вода и малку сол, повторно станува суперзамрзнато. И тоа беше рецептот што ни помогна во финалето на СК со супермеки услови – се сеќава Хохкоглер.

Не се остава ништо на случајноста

Дури и кога почна финалето на СК, главоболките не беа завршени за тимот на Залбах.
– Ги имавме сите услови што можете да ги има во зима. Првите неколку дена имавме топло сонце дење со ниски температури во текот на ноќта, што беше совршено за нас. Тоа беше проследено со малку суви врнежи од снег, а меѓу женскиот и машкиот спуст имавме обилни, влажни врнежи од снег на горниот дел и дожд на долниот дел. Влажниот снег беше навистина предизвикувачки, бидејќи беше многу тешко да се движиме. Моравме да користиме многу лопати преку ноќ за да го тргнеме снегот – вели Хохкоглер.
Иако се надева дека нема да има повторување за време на Светското првенство, Хохкоглер е подготвен за секој случај.
– Имаме гостопримство од персоналот на планината и гаражата за ратраци, така што, ако ни треба многу персонал прекуноќ, имаме храна и тие имаат каде да се загреат. Имаме уште повеќе персонал на падините. Лани имавме еден тим за женски и за машки трки, но сега имаме по 90 и кај жените и кај мажите. И ако има навистина обилни снежни врнежи, имаме 21 машина за чистење снег, доволно лопати, 12 АТВ со дувачи на снег, четири ратраци со големи дувалки за снег, 10 дополнителни ратраци за сите падини – вели тој, пренесе ФИС. Н.М.


РАСПОРЕД НА ТРКИ НА СП 2025

4.2 мешан тимски паралелслалом
6.2 супервелеслалом, жени
7.2 супервелеслалом, мажи
8.2 спуст, жени
9.2 спуст, мажи
11.2 тимска комбинација, жени
12.2 тимска комбинација, мажи
13.2 велеслалом, жени
14.2 велеслалом, мажи
15.2 слалом, жени
16.2 слалом, мажи


Одермат брани две титули од СП 2023

Годинашното Светско првенство (СП) во алпско скијање ќе биде 48. по ред (шампионатите се одржуваат од 1931 година), а ќе се одржи вторпат во австрискиот Залбах (првпат во 1991 година). Шампионатот почнува утре со мешаниот тимски паралелслалом, а неделава се и трките во супервелеслалом и во спуст за жени и за мажи. Идната недела се и трките во тимска комбинација, велеслалом и во слалом, жени и мажи.
Титулите од минатиот Мундијал во алпско скијање, одржан во 2023 година, во Куршевел (Франција), ги бранат Марко Одермат (Швајцарија, спуст и велеслалом), Џејмс Крафорд (Канада, супервелеслалом), Хенрик Кристоферсен (Норвешка, слалом) и Александар Шмид (Германија, паралелслалом), во машка, односно Џасмин Флури (Швајцарија, спуст), Марта Басино (Италија, супервелеслалом), Микаела Шифрин (САД, велеслалом), Лорен Сент Жермен (Канада, слалом) и Марија Тереза Твиберг (Норвешка, паралелслалом) во женска конкуренција. Н.М.