Актуелниот првак Гранеруд, Крафт, Стох и Кобајаши се во трка да станат четвртиот скијач скокач што го освоил трофејот во СК најмалку трипати, на Крафт му недостигаат два пласмана на подиумот за да стане вториот што забележал најмалку 100 такви успеси, на 42-годишна возраст Аман ќе се натпреварува во својата 26-та сезона во СК, колку што има и Касаи…

Со денешниот натпревар во Рука (Финска) почнува 45-та сезона на Светскиот куп (СК) во скијачки скокови, во текот на која е предвидена и пауза, за да се одржи 28-то Светско првенство во скијачки летови (во Австрија, на 26 и 27 јануари). Во Рука ќе има натпревар и утре, а потоа сезоната продолжува во Лилехамер (Норвешка), Клигентал (Германија), Енгелберг (Швајцарија), пред почетокот на традиционалната новогодишна турнеја Четири скокалници…
Халвор Егнер Гранеруд (Норвешка) е победник на СК во сезоните 2020/2021 и 2022/2023 и може да стане четвртиот што го освоил трофејот најмалку трипати, по Мати Никенен, Адам Малиш (двајцата по четири пати) и Андреас Голдбергер (трипати), пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Претходно триумф во две сезони едноподруго оствари Јане Ахонен (2004 и 2005). Гранеруд лани победи со 2.128 поени. Само Петер Превц (Словенија) забележа повеќе поени во една сезона на СК, 2.303 во сезоната 2015/2016. Стефан Крафт го освои второто место во минатата сезона, што е негов петти пласман на подиумот во СК (по две победи и втори места, едно трето место). Само тројца забележаа најмалку шест пласмани на подиумот во вкупниот пласман во СК, Ахонен (осум), Андреас Фелдер и Камил Стох (двајцата по шест). На Крафт му недостигаат два пласмана на подиумот за да стане вториот што забележал најмалку 100 такви пласмани во поединечни настани од СК, по Ахонен (има 108).
Анже Ланишек лани беше трет во СК. Само двајца Словенци го освоиле трофејот, Примож Петерка (во 1997 и во 1998 година) и Петер Превц (2016). Рјоју Кобајаши (Јапонија) е единствениот победник на СК од надвор од Европа, откако беше првак во 2019 и во 2022 година. Давид Кубацки, кој лани го освои четвртото место (како и во сезоната 2019/2020) би можел да стане третиот скијач скокач од Полска што го освоил трофејот во СК, по Малиш (четири) и Стох (два). На 42-годишна возраст, Симон Аман (Швајцарија) ќе се натпреварува во својата 26-та сезона во СК. Само Нориаки Касаи (Јапонија) има настап во исто толку сезони во СК. Касаи на 50-годишна возраст влезе во квалификациите за натпреварот во Сапоро во јануари годинава… Н.М.


НАЈМНОГУ ТИТУЛИ

Мати Никенен (Финска) 4
Адам Малиш (Полска) 4
Андреас Голдбергер (Австрија) 3
Грегор Шлиренцауер (Австрија) 2
Јане Ахонен (Финска) 2
Стефан Крафт (Австрија) 2
Камил Стох (Полска) 2
Армин Коглер (Австрија) 2
Мартин Шмит (Германија) 2
Томас Моргенштерн (Австрија) 2
Рјоју Кобајаши (Јапонија) 2
Примож Петерка (Словенија) 2
Халвор Егнер Гранеруд (Норвешка) 2