ШАХ – ТУРНИРИ „МАКЕДОНСКИ ПРОБЛЕМИСТ 2022“
Списанието „Македонски проблемист“, кое 23 години го уредува и го издава истакнатиот велемајстор (ВМ) за шаховски композиции Зоран Гавриловски, и во 2022 година организира редовни меѓународни турнири за оригинални проблеми и студии, објавени во списанието, како и Лига на „Македонски проблемист 2022“. Гавриловски повторно победи во вкупен пласман во Лигата со 40 поени, пред германскиот ВМ Свен Тромлер со 25 поени, а македонскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Никола Столев вкупно беше 19-ти.
Гавриловски во Лигата освои прво место во групата матови во два потега (Столев беше деветти) и во групата матови во три потези. Судија беше светскиот вицешампион во два потега, Русинот Павел Мурашев. Гавриловски беше прв и во сите три групи на меморијалниот турнир (МТ) во спомен на литературниот и шаховски поет Тоде Илиевски, а ИМ Златко Михајлоски во одделни групи на МТ освои почесни признанија и пофалби. Гавриловски го судеше турнирот во чест на 90-годишниот јубилеј на Александар Поповски (поет, проблемски уредник и издавач) и освои прва и втора награда на јубилејниот турнир во чест на 75-годишниот јубилеј на Георги Хаџи-Васков, кој долго време уредуваше рубрика за шаховски композиции во „Нова Македонија“ и во други весници и списанија (сите тројца со титулата мајстор на проблемски шах). Г.И.