На турнирот во Баку ќе можат да се обезбедат вкупно 36 квоти, а ќе настапат вкупно 301 борач во слободен и во грчко-римски стил. Виза за настап на ЛОИ годинава во Париз ќе обезбедат финалистите во секоја категорија

БОРЕЊЕ – КВАЛИФИКАЦИСКИ ТУРНИР ЗА ЛОИ 2024

Вероника Рјабоволова (категорија до 53 кг), Владимир Егоров (до 57 кг), освојувач на бронза и на злато на европски првенства (ЕП), Расул Шапиев (до 74 кг), Ахмат Магомедов (до 86 кг) и Магомедгаџи Нуров (до 97 кг), носител на бронза од светско првенство (СП) и учесник на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, одржани во 2021 година, се петтемина македонски кандидати што од денеска до недела ќе настојуваат да изборат норма на првиот квалификациски турнир за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз годинава.
На олимпискиот квалификациски турнир во Баку (Азербејџан) ќе можат да се обезбедат вкупно 36 квоти, а ќе настапат вкупно 301 борач во слободен и во грчко-римски стил.
Виза за настап на Игрите во Париз ќе обезбедат само финалистите во секоја категорија, а финалните натпревари и тие за пласман на трето место нема да се одржат. Предводени од македонскиот селектор Бобан Данов, борачите веќе извесен период се на подготовки во Баку. Г.И.