Шефот на државата Стево Пендаровски денеска на свечена церемонија во претседателскиот кабинет одликува со „Медал за заслуги за Македонија“ петмина доајени кои оставија траен белег на спортските терени и дадоа огромен придонес за афирмација на македонскиот спорт и држава.
Со „Медал за заслуги“ се одликувани великаните на македонската кошарка Лазар Лечиќ (84) и постхумно Благоја Георгиевски Буштур, кој загина во сообраќајна несреќа во 2020 на 69-годишна возраст, како и одбојкарската легенда Владимир Богоевски (69), долгогодишниот селектор на македонската репрезентација во борење слободен стил Насе Насев (70) и актуелниот претседател на Македонската Таекводно федерација и селектор на националниот тим Борче Костовски.
– Иако сме мала нација како број, можеме да бидеме горди на нашите врвни спортисти, кои во индивидуалните и колективните спортови остваруваа и остваруваат врвни резултати. Претходно веќе имав можност на дел од нашите освојувачи на највредни олимписки медали да им доделам највисоки државни признанија. Денес, уште пет наши спортисти, спортски работници, тренери и селектори, кои стојат за успесите на спортистите, ќе добијат „Медал за заслуги“ – рече Пендаровски во своето обраќање.
Осврнувајќи се на придонесите на секој од петмината македонски спортски великани поединечно, Пендаровски истакна дека Лечиќ е едно од најзначајните имиња за развојот на македонската кошарка.
– Со својата енергија и знаење за кошарката, а особено со својата препознатлива харизма, Лечиќ остави траен белег во македонскиот спорт – рече шефот на државата.
Нарекувајќи од поранешниот кошаркар на Работнички и македонски селектор Благоја Георгиевски, вонсериски талент, Пендаровски потсети дека Буштур ги достигна највисоките височини, освојувајќи медали на најголемите натпреварувања.
Навраќајќи се на големите успеси во минатото на македонската одбојка, претседателот Пендаровски истакна дека како нација сме среќни што имаме играч од светска класа и успешен тренер во името на Владимир Богоевски.
– Нашиот најуспешен спорт е борењето во слободен стил – рече Пендаровски, додавајќи дека „зад најголемите успеси, вклучувајќи го и првиот олимписки медал на македонски спортист, стои легендарниот селектор Насе Насев.
Потсетувајќи на успехот на таеквондистот Дејан Георгиевски на Олимписките игри во Токио, македонскиот претседател ја нагласи улогата на селекторот Борче Костовски.
– Среброто на Георгиевски во Токио ја сплоти нацијата и ги израдува граѓаните, а најзаслужен за овој успех е тренерот Костовски – посочи македонскиот претседател Пендаровски на свечената церемонија на доделувањето „Медал за заслуги“ на македонските спортски великани.