ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА

Последниот турнир во Европската сребрена лига за годинава, женската одбојкарска репрезентација на Македонија го игра викендов, повторно во Струмица. Избраничките на македонскиот селектор Стефан Пауновиќ досега одиграа четири натпревари и имаат две победи, над Луксембург и над Фарски Острови, и два пораза, од фаворитите Швајцарија и Австрија. Викендов ќе се сретнат со Израел и со Грузија.
– До оваа година немавме освоено сет, а сега имаме две победи по четири одиграни натпревари и задоволен сум. Од турнир на турнир играме сѐ подобро и ме радува што растеме како екипа. Многупати потенцирав дека имаме одлична атмосфера, девојките имаат убава енергија надвор од теренот, а истата таа ја пренесуваат во игра и се поддршка една со друга, што многу значи во полето. Во пресрет на последниот турнир работиме на корекција на некои работи што се покажаа како проблем и не беа добри во нашата игра. Се надевам дека ќе ги поправиме и во најдобро светло ќе се покажеме на последниот турнир во годинашното издание – вели селекторот Стефан Пауновиќ.
Македонија утре од 19 часот игра со Израел, еден ден подоцна во истиот термин е средбата со Грузија. Г.И.