Горд сум на екипата за онаа победа над Луксембург со која испишавме историски резултат, односно прва официјална победа по 17 години на женската сениорска репрезентација. Тоа е повеќе од спортски успех, тоа е симбол дека работите се менуваат и дека нашата работа има подлабока смисла, вели селекторот Пауновиќ
ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА ЕВРОПСКАТА СРЕБРЕНА ЛИГА ЗА ОДБОЈКАРКИ
Задоволен сум од начинот на кој репрезентацијата одговори на предизвиците во овој циклус. Во Европската сребрена лига остваривме две важни победи и одигравме два исклучително квалитетни натпревара со Израел и со Грузија, во кои покажавме борбеност, карактер и тактичка зрелост. Горд сум на екипата за онаа победа над Луксембург, со која испишавме историски резултат, односно прва официјална победа по 17 години на женската сениорска репрезентација. Тоа е повеќе од спортски успех, тоа е симбол дека работите се менуваат и дека нашата работа има подлабока смисла. Градиме систем што ќе трае, рече Стефан Пауновиќ, селекторот на женската одбојкарска репрезентација на Македонија, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Црвено-жолтите изминатиот викенд го завршија вториот настап во Европската сребрена лига, за 2025 година. По комплетирањето на турнирската фаза, македонските одбојкарки имаат две победи и четири порази и се на седмата позиција, со ист број бодови како и репрезентацијата на Исланд, која е на шестото место. Ваквиот пласман е сериозен чекор напред на женскиот национален тим, но уште поголемо задоволство носи и фактот дека репрезентацијата што ја предводи Пауновиќ по тригодишна работа почнува да дава резултати.
– Од 2022 година работиме темелно на поставување на идентитетот на оваа екипа, играта и на културата. Екипата е млада, но исклучително талентирана и покажа дека има срце и визија. Овој циклус е доказ дека репрезентацијата е на вистинскиот пат. Посебно сакам да истакнам дека е видлив менталниот напредок кај девојките, кои и во поразите останаа фокусирани и веруваа една во друга. Сметам дека имаме вистински темели за она што нѐ очекува во иднина. Сега останува малку да здивнеме пред да се собереме повторно во пресрет на квалификациските дуели со Австрија и со Грција за пласман на Европското првенство – рече Пауновиќ, пренесе ОФМ.
Македонскиот машки одбојкарски национален тим и Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) викендов во Струмица се домаќини на турнир од третиот натпреварувачки викенд во Европската златна лига за 2025 година, на кој Македонија ги пречекува Израел (денеска, од 20 ч.) и Црна Гора (в недела, од 20 ч.). Сите натпревари на турнирот во Струмица ќе бидат директно пренесувани на националниот сервис МРТ3. Г.И.
Пет клуба аплицираа за настап во европските одбојкарски купови
Македонската клупска одбојка како никогаш досега ќе биде застапена на европска сцена во следната сезона, откако пет клуба аплицираа за настап во европските клупски купови, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Двете најдобри екипи во машка конкуренција, шампионот Струмица 47/72 и освојувачот на купот, Штип УГД, односно трите клуба кај одбојкарките што ја одиграа клучната улога во распределбата на трофеите, шампионот Јанта волеј КВ, освојувачот на купот, Наковски волеј, и финалистот во првенствениот плејоф, Работнички Скопје, сакаат да настапат во европските купови во новата сезона.
Штип УГД, Јанта волеј КВ и Наковски волеј премиерно ќе заиграат во куповите на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), информира Одбојкарската федерација на Македонија.
Струмица 47/72 и Јанта волеј КВ, во согласност со шампионскиот статус што го имаат, пријавија учество за настап во Лигата на шампионите (ЛШ), Штип УГД и Наковски волеј аплицираа за учество во Челинџ-купот, а Работнички Скопје поднесе барање за вајлд-карта за настап во Купот на ЦЕВ.
Ждрепката за сезоната 2025/2026 за сите три европски клупски купа, Лигата на шампионите, Купот на ЦЕВ и Челинџ-купот, е закажана за 15 јули во Луксембург, во седиштето на ЦЕВ. Г.И.